ВМРО-ДПМНЕ: Заев да ги моли владите, ЕУ да ги симне квотите за македонскиот челик

Очекувам дека тоа нема да се одрази неповолно на економијата и сметам дека сè уште има простор македонскиот тим да се избори за поволности кај ЕУ, изјави денеска министерот за финансии Драган Тевдовски.

451

Најавените квоти за увоз на производи од челик, алуминиум и железо во ЕУ и за македонските производи денеска беа тема за која и власта и опозицијата дадоа свое мислење.Од власта велат македонскиот тим треба да се избори за поволности, додека опозицијата смета дека премиерот Зоран Заев треба да ги моли владите на земјите членки на ЕУ да нема квоти за македонските производи.

Министерот за финансии Драган Тевдовски не очекува воведувањето квоти за увоз на производи од челик, алуминиум и железо во ЕУ лошо да се одрази на македонската економија, оти процесот сѐ уште не е завршен.

– Го следиме ова прашање кое се води преку ресорот економија, и ќе помогнеме во тој дел. Очекувам дека тоа нема да се одрази неповолно на економијата и сметам дека сè уште има простор македонскиот тим да се избори за поволности кај ЕУ- рече Тевдовски на денешната прес-конференција на која доби и новинарски прашање за најавените квоти за челик во ЕУ.

Вчера, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи на брифингот со новинарите информира дека е добиена нота од Европската комисија со која ја известува земјата за воведување на заштитни мерки за извоз на челик и за алуминиум.

– По надминување на квотата, компаниите ќе плаќаат 25 отсто царина – информира  Османи.

Опозицоната ВМРО-ДПМНЕ, пак, денеска му предложи на премиерот Зоран Заев да ги посети сите влади на земјите членки на ЕУ и да ги моли квотите да не се применуваат за Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ ѝ предложи на владата да формира кризен штаб и посебно тело кое ќе бара нови пазари за компаниите, но и да воведе даночни олеснувања и олеснувања кај придонесите за вработените кои ќе останат без работа.

Дел од компаниите од секторот ќе треба да се затворат оти , како што велат , веќе ги исполниле квотите кои се на сила од јуни годинава.

Од „Макстил“ која е најголем извозник на челик велат дека се загрижени оти ќе треба да даваат принудни одмори. Пресметките се дека 120 илјади тони ќе нема каде да се пласираат оти најголемиот дел од извозот го реализираат во земјите од Европската унија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...