Опасен заеб!

Потребна е цврста дисциплина за да се помириме со болната вистина дека за вистински промени во општеството ќе бидат потребни многу години, но и со уште поболната мисла дека можеби такви промени никогаш и нема да ни се случат. Затоа, на очараните и на разочараните им сугерирам да се самодисциплинираат. Тој што не сака да пати од болката на дисциплината, ќе пати од жалење и од разочарување.

7742

Читам по Фејсбуков, „шарените револуционери“ да ти биле разочарани. Од власта. Од маглава што ни се продава. Од сѐ. Мајката…

Искрено, жал ми е за вистинските борци за слобода и правдини. Многу од нив беа доблесни револуционери и пред да се бојадисаат во опозиционери и потоа да се пребојадисаат во граѓански активисти кои сакаа новата власт да ја доживеат како клучен фактор на очекуваните промени. Па сега се жалат дека нивните амбициозни очекувања не се оствариле. А нивните најблиски другари дремат во ружната влада која веќе не е ружна…

Ги жалам, ама не можам да разберам како не сфаќаат дека проблемот е кај нив. Тој што ќе се очара, на крајот мора да се разочара. Просто.   

За жалење се и „шарени револуционери“ со малку поконкретни и побанални неостварени очекувања: работно место, факултетска диплома, крупна или ситна привилегија или услуга… Има, има, ама нема за сите. Ги жалам тие што останале со прстот в уста, бидејќи се жртви на лажни ветувања.

Ако запнам да ги препрочитам моите колумни и коментари од периодот по востоличувањето на новата власт, веројатно ќе заклучам дека апологетите на оваа власт со право и мене ме обвинуваат за „ширење дефетизам“. Иако, има тука една суштинска разлика – во дијалектичкиот однос помеѓу разочараноста и претходната очараност, кај мене недостасува второво.

Имено, овие луѓе кои сега се на власт и кои треба да се подобри од претходните, јас никогаш не сум ги сметал за доволно способни и капацитетни да произведат драматични општествени промени. Сум ломотел јас за тоа и по телефон и веројатно ме имаат слушано во „бомбите“. Затоа признавам дека моите очекувања беа минимални – да падне режимот на Никола Груевски (остварено), Македонија базично меѓународно да се консолидира (полуостварено) и општеството макар минимално да се упристои, за да можеме во догледно време да го допреме дното и да почнеме да се креваме нагоре (неостварено).

Вистината не треба да се релативизира, да се обојува и да се ретушира- според аршините на нашиот безраложен оптимизам, или така како што ни налага непродуктивниот песимизам – туку да се види со отворени очи и студено да се регистрира. Без страст, без емоции.

Значи, сосема накусо, главното што ни се случи во овие година ипол до две е еден опасен заеб.  Некој некого опасно заеба! Се извинувам на овој вулгарен израз, но нема попрецизен што одговара на фактичката ситуација.

Ете, за да стане јасно, ќе се послужиме со две вести, кои се меѓу најчитаните на денот. Првата е од извештаите од „специјалните“ судења, со кои веќе подолго време се забавува јавноста – во неа се прераскажува снимка од 2013 година, во која Груевски му кажува на Латас како се договара со ДПА како да го „заебат“ Заев. Втората е веста за сопругата и за ќерката на премиерот Зоран Заев, Зорица и Александра, кои биле на празнично патување во Франкфурт, за што дознаваме од фотографијата што агилната Александра ја објавила на својот профил на Инстаграм.

Ете, чисто да се знае кој кого заебал!

Е сега, што имаме ние од овој опасен заеб? Зависи од тоа кој какви очекувања имал и кој каква улога си доделил или прифатил во петингот, за време на коитусот или за периодот на првата цигара после. Мене лично, признавам, ми се падна мала ролја во фазата на предиграта, но брзо потоа најдов начин како да не паднам во севдах и да го совладам разочарувањето.

Сѐ е работа на дисциплина. Потребна е цврста дисциплина за да се помириме со болната вистина дека за вистински промени во општеството ќе бидат потребни многу години, но и со уште поболната мисла дека можеби такви промени никогаш и нема да ни се случат. Затоа, на очараните и на разочараните им сугерирам да се самодисциплинираат. Тој што не сака да пати од болката на дисциплината, ќе пати од жалење и од разочарување.

Па вие сега избирајте, драги мои „шарени“ ем „револуционери“…

ПС. Не се сметам за „шарен револуционер“. Заради вистината, сакам да кажам дека на оние протести кога се фрлаа „бомби“ од бои врз барокните зданија, јас не учествував во таа инфантилна забава. Единствено нешто што може, евентуално, да ме поврзе со „шарените“, е нападот што врз мене го изврши оној непрокопсаник Палевски (кога ме поли со мрсни бои), на општо задоволство на тогашниот и сегашен министер Оливер Спасовски и дечките од новата власт.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...