Амнестија за 27 април побарале 38 лица

745
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Барање за амнестија за настаните од 27 април до моментот во Кривичниот суд во Скопје поднеле вкупно 38 лица. Рокот истекува утре.

Амнестија освен обвинети во случајот кој моментално се наоѓа во доказна постапка, каде 31 лице се терети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста и двајца за помагање, побарале и лица кои се опфатени во другите предмети кои се водеа во врска со „крвавиот четврток“.

Како што велат од Кривичен, барања пристугнуваат и во Одделот за организиран криминал и во Одделот за кривично полнолетни.

Покрај актуелниот предмет за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, пред Основниот суд Скопје 1, досега судска разврска имаше за уште неколку други случаи. Паднаа десетина пресуди за учество во толпа, седуммина беа осудени за обид за убиство на Зијадин Села, затворска казна за насилство доби и „кубачот“ на Радмила Шекеринска…

Иако според Законот за амнестија, не е предвиден спас за делата насилство и убиство, сепак барање може да поднесе секого. Од Кривичен не соопштуваат кои се лицата кои побарале амнестија, но во јавноста веќе е познато дека тоа уште во текот на минатите денови го направија пратеникот Крсто Мукоски, Оливер Радулов од УБК, како и Никола Митревски Кољо и Младен Додевски. За денеска поднесување на барање најавија и Александар Василевски Нинџа и пратеникот Сашо Василевски.

Иако официјално не се познати други имиња, очекувањата се дека амнестија ќе побараат и останатите тројца пратеници: Јохан Тарчуловски, Љубен Арнаудов и Љупчо Димовски; браќата Стефан и Михаил Младеновски; Захарие Симовски…

Единствени кои рекоа дека нема да поднесат барање се Јане Ченто и Игор Југ.

Судот има рок од 5 дена да одлучи по барањето откако претходно ќе добие мислење од јавното обвинителство.

ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...