„Мајчин јазик“ концертно претставен во Скопје

За претставување на „Мајчин јазик“ ќе има уште два концерта во салата на Филхармонија – вечер иво вторник (20 март), организирани од „Баги комуникации“.

321

Влатко Стефановски синоќа во Македонската филхармонија концертно го промовираше „Мајчин јазик“- негов прв соло акустичен албум кој содржи инструментални верзии на македонски народни песни. На првата од трите скопски промоции на 35-тиот албум во неговата кариера, Стефановски изведе композиции и од други свои солистички албуми, како и од опусот на „Леб и сол“ – па концертот го отвори со „Абер дојде Донке“ и го заврши со „Скопје“.

– Вие покажавте голем интерес за овие концерти и многу ви благодарам. Сега е на мене и на моите гости да ви дадеме и да ви отсвириме се што знаеме и умееме со идеја да си одите од тука задоволни и намеани – рече Стефановски поздравувајќи ја публиката на почетокот на двочасовниот концерт.

Од новиот албум ги изведе „Зошто си ме мајко родила“ (која им ја посветил на Есма и Стево Теодосиевски), „Огреала месечина“, „Успаванка за Радмилу М“ – композиција за истоимениот албум на „Бијело дугме“ за која рече е настаната во Скопје како минујатура за две гитари, Касапско оро и 13-осминското Пелистерско оро. Три инструментални композиции од албумот беа вокално изведени – „Јано мори“ ја отпеа Вера Милошевска од „Љубојна“, „Димитријо, сине Митре“ – српската етно-пејачка Биља Крстиќ, а сопранистката Весна Гиновска-Илкова ја изведе „Македонско девојче“ како оперска арија.

Најпознатиот македонски гитарист својата виртуозност и овојпат ја покажа во брзата Калајџиско оро, а публиката во исполнетата Филхармонија го следеше со аплаузи и ритамот на инструменталната „Јовано, Јованке“ за која Стефановски рече дека е најпопуларна македонска народна песна во светот: „Мислам дека имам мала заслуга во популаризацијата на таа песна зашто 40 години упорно ја свирам“.

На синоќешниот концерт тој отпеа и две песни кои, како што рече, му се особено драги, а малку подзаборавени – „Вера, надеж, љубов“ и „Кандилце“ (од неговиот прв солистички албум во 1994), како и филмската тема „Џипси меџик“.

По „Time to say goodbye“ на Брајтман, која ја отпеа Гиновска-Илкова најавувајќи го крајот на концертот, публиката го врати Стефановски уште двапати на сцената, На првиот бис ја отсвири „Бистра вода“, прва на албумот „Мајчин јазик“, за која рече дека му е една од најдрагите нумери по која потоа е тешко да се свири, а заврши со хитот на „Леб и сол“ од пред 30 години – „Скопје“ кој го отпеа заедно со неговите специјални гости.

За претставување на „Мајчин јазик“ ќе има уште два концерта во салата на Филхармонија – вечер иво вторник (20 март), организирани од „Баги комуникации“.

Албумот е снимен во само неколку дена минатата пролет во Скопје, а за регионот го објави „Кроација рекордс“ од Загреб. Хрватската промоција ќе биде на 17 април во „Лисински“. Во Белград Стефановски ќе настапи на 2 април, а му претстојат концерти и во Софија, Благоевград и Виена.

Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...