Долгите редови, или „опашките“ како шти ги нарекуваат Бугарите, се најголемиот непријател на скијачите. Покрај недостигот на снег и неподготвените патеки. Ски-центарот Боровец во соседна Бугарија одамна нема проблеми со снегот, бидејќи дури и во годините сиромашни со снег, каква што беше минатата, сезоната трае 120 дена. Инфраструктурата за производство на вештачки снег е беспрекорна. Таа, добро подготвените патеки во центрите Ситњаково, Јастребец и Маркуџик под врвот Мусала, четирите седешници и гондолата, го прави овој центар меѓу најпосакуваните на Балканот.
Но, близината на Софија (45 километри) до минатата сезона предизвикуваше зголемена посетеност, особено за време на викендите, а со тоа и „опашка“ на најоптоварената седешница, таа во урбаното јадро, пред хотелот „Рила“. Од саботата, овој проблем веќе е минато. Главен настан на официјалното отворање на новата ски-сезона беше пуштањето во употреба на новата, супермодерна седшница „Мартинови бараки експрес“, вредна 6 милиони евра, со која е заменета старата. Новата има поголем капацитет (шест удобни седишта на една седалка) и многу поголема брзина.
Самите се уверивме во тоа – од почетната станица до крајната се стасува за неверојатни три ипол минути! Скијачите знаат што значи тоа. „Чекањето“ е сведено практично на нула. На добро подготвените ситњаковски патеки сега сега се скија многу поинтензивно од порано. На дневниот билет, кој овде чини околу 30 евра, сега се добива навистина многу повеќе. Ако кон тоа се додадат и одличните услови за ноќно скијање, задоволството е комплетно.
Уште една новина, што ја забележуваме во последната година-две, е мошне важна за сите што го посетуваат овој ски-центар. Боровец речиси е стопроцентно гасифициран. Одвај да може да се забележи оџак што чури. Воздухот е чист и на посетителите им овозоможува долготрајни пријатни прошетки, при што неизбежни се шумските патеки во прекрасната борова корија.
На свеченото отворање на новата ски-сезона во Боровец главна ѕвезда, традиционално, беше скијачката легенда Петар Попангелов, кого го помнат и повозрасните љубители на овој спорт од Македонија. Вицепремиерката на Бугарија, Маријана Николова, на свеченоста најави дека оваа земја е кандидат за Младинската зимска олимпијада за 2024 година. Тоа е одлична вест и за туристите, бидејќи тоа значи дека Бугарија дополнително ќе инвестира во своите зимски центри во наредните години.
(Оваа репортажа не е комерцијална. Фотографиите се позајмени од ФБ профилот My Borovets)