Несогласување со Договорот од Преспа изразуваат 22 митрополита од Северна Грција со писмо испратено до Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, до претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос, до грчкиот премиер Алексис Ципрас, до претседателот на грчкиот парламент Никос Вуцис, до Архиепископот на грчката православна црква Иеронимос, како и до претседателите на партиите и членовите на парламентот, јави дописничката на МИА од Атина.
„Ратификација на Договорот од Преспа од парламентот на Грција, како и признавање на Автокефална црква на Македонија, не само што нема да бидат основа за мирен соживот на грчкиот народ и народот на соседната земја, туку ќе бидат постојано жариште за негување на иредентизам и непријателство. Бидејќи ниту еден договор не може да просперира ако не се базира на вистината“, пишуваат Митрополитите.
На почетокот од опширното писмо на 6 страници, велат дека пред речиси една година јавно ги изразиле нивните стравови, нивната загриженост и нивните размислувања во врска со тогаш договорот во подготовка, но „за жал не биле послушани“.
Сега, упатуваат молба до сите, секој да ја земе предвид „својата историска одговорност и да не се најде соочен со народот и историјата“.
„Изјавуваме дека ќе ја извршиме нашата должност, потчинети на нашата архиерејска свест и на историската одговорност што сите ја имаме и ја чувствуваме во овој момент, со Божји благослов ќе продолжиме да го изразуваме преку црковниот и патриотски морал, нашето комплетно несогласување за сѐ што ја оцрнува славната историја на Македонија, славен и измачен дел од нашата татковина Грција“, пишуваат митрополитите.
Тие додаваат дека ќе бидат против сето она „што го дестабилизира регионот и отвора порта за иредентизам што создава услови за премногу опасни кризи во поширокиот регион“.
Писмото е потпишано од Митрополитите од Солун, Лерин, Кукуш, Сер, Воден, Кожани и слично.