Homo nonsapiens macedoniensis

Овој биолошки исклучително успешен вид што се расеал по целиот свет, кој се уште најгусто ја населува својата прапостојбина Македоња Вечна, е од непроценлива вредност за невронауката, зашто има граѓа на нервниот систем како и онаа на морските полжави аплисии.

883
grcev

Целиот дваесетти век неврологијата се развиваше зацврснувајќи ја догмата дека нервниот систем на човекот е анатомски и физиолошки потполно непроменлив, по периодот на раст и оформување во текот на детството. Дека бројот на клетки во мозокот – невроните, е непроменлив и дека тој број може само да се намалува со стареењето, е денес веројатно најпроширената заблуда во светот. Оваа догма прв почнал да ја поткопува младиот невролог Мајкл Мерценич, во своите есперименти со мајмуните, пред рамно половина век. Тој открил дека структурата на мозокот и нервите се менува и реструктурира на ќелијско ниво, и тоа не само во услови на повреди, туку и како последица на однесувањето односно на движењето и учењето. Тоа беше првото научно откритие на денес во невронауката општо познатото суштинско својство на мозокот, таканаречената невропластичност.

Експериментот на Кандел

На место на старата „мудрост“ за непроменливиот мозок, денес невронауката пласти докази дека во мозокот се создаваат и нови неврони и нови синаптички врски, та дури дека тој се развива и расте во текот на целиот живот. Всушност, невропластичноста е неговото основно структурално и функционално својство буквално во сите домени на неговата функција (и градба), и тоа како последица не само на дразби, сетила и движења, туку и поттикнат од чувства, мисли, перцепција, паметење и сеќавање.

Еден од најголемите придонеси кон новата неврологија на мозочната невропластичност, е експериментот на биологот Ерик Кандел врз морските полжави аплисии, кои се особено погодни за истражувања од овој тип, поради ислучително едноставниот нервен систем и големите и лесни за набљудување нервни ќелии. Експериментот открил дека кога на полжавот ќе му се допрат пипците, тој рефлексно ги вовлекува, при што 90 насто од сензорските нерви е генетски и трајно поврзано со моторичките неврони што ги придвижуваат пипците.

Но, доколку по допирот не следува болка или каква било заканувачка дразба, инстиктот за повлекување на пипците ослабува, се до фаза кога морскиот полжав станува сосем неосетлив на таа дразба и почнува потполно да ја игнорира. Е, Кендел добил Нобелова награда за биологија зашто воочил и научно објаснил дека само по 40 дразби нервниот систем на аплисијата потполно ги реструктурирал своите синаптички врски, при што моторичките ќелии останале врзани само со 10 насто од сензорните неврони, како последица од процесот на учење.

Микроневрологијата денес буквално ги брои новите нервни ќелии и новите синаптички завршетоци и врски што организмот ги создава како последица од секоја негова активност, и што е најфасцинантно, не само од обрасците на однесување и моторичките движења и тренинзи, туку и од чисти ментални активности, мисли, чувства, мемории и емоции. Најфасцинантен доказ за последново е експериментот во кој со таканаречената транскранијална магнетна стимулација се мерени промените во мозокот на ќелиско ниво на две групи на испитаници, од кои едните требале да свират на клавир една иста мелодија два саати дневно во текот на пет дена од експериментот, додека другата група требала само да замислува дека ја свири мелодијата. Резултатот покажал дека невропластичните промени на мозокот се видни и по само пет дена активност, но и дека се сосем истоветни и кај двете групи! Тоа значи дека не само учењето и вежбањето, туку и мислењето, а особено долгорочното паметење го менуваат нашиот мозок пластично, исто како што со физичкото вежбање ги менуваме, зголемуваме и јакнеме нашите мускули. Невропластичноста на централниот нервен систем е најголемата еволуциска добивка на хомо сапиенсот, но и извориште на огромен број на патологии, зашто исто како што добрите обрасци на однесување – вештините, логичкото мислење и паметењето, не прават невропластично подобри, така и пасивноста, погрешните и штетните ментални ативности и состојби оставаат пластични, односно трајни последици и „дупки“ во мозокот.

Темелни промени

Во областа на невропатологиите, науката своите продори ги заснива на експериментите врз најстарите видови луѓе (од коишто настанале сите други хомо сапиенси), таканаречените homo nonsapiens macedoniensis. Овој биолошки исклучително успешен вид што се расеал по целиот свет, кој се уште најгусто ја населува својата прапостојбина Македоња Вечна, е од непроценлива вредност за невронауката, особено за истражување на невропластичноста, заради тоа што – поради биолошката старост, веројатно – има слична едноставна, да не речам простосрдечна, граѓа на нервниот систем како и онаа на морските полжави аплисии.
Елем, на неполни два милиони примероци од овој вид бил извршен болен општествено политички и културен експеримент, кој, додуша, траел повеќе од една деценија, во кој на Македонците им е сменет идентитетот, сменети им се законите и сите обрасци на однесување, сменет им е целиот систем на вредности, за да се провери какви промени тоа ќе има на нивните мозоци. Резултатите се поразни: се покажа дека промените на македонскиот мозок не само што се невропластични и трајни, туку се и темелни до непрепознатливост.

Македонците, исто како и апласиите, веќе не реагираат рефлексно на вообичаени етички или естетички дразби, а логичката и аналитичката мисла веќе воопшто не ја распознаваат и ја игнорираат. Одвратните грдотии во нивната престолнина веќе не им пречат, а кретенските закони за нив се норма, и сето тоа во слава на дарвинската способност за адаптација, што е овозможена од фасцинантата невропластичност што нивните мозоци ги претвори во дупки. Мистеријата за вечноста на груј-фашизмот е решена, слава и на науката!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...