Жителите на селото Шабо го нарекуваат Monsineur. Енергичниот 64-годишен Французин, Кристоф Лакарен де Фабијани, за кого пишува ukrainer.net живее и работи во Украина повеќе од 16 години, славејќи го секој ден од својот живот. Претприемач, произведувач на парфеми и на вино, тој во познатото село во Бесарабија создаде атмосфера на аристократско гостопримство и авторски рачно изработени вина.
Виното е производ од оваа област
Иако грозјето се одгледува на речиси сите континенти, неколку региони имаат посебен потенцијал да создадат навистина убави вина.
Подрачјата поволни за лозја се паралелите помеѓу 30° и 50° северна и јужна ширина. Ова се должи на фактот дека во ладните услови, грозјето нема да созрее, а на високите температури, пак бобинките зреат премногу брзо и имаат специфичен вкус.
Се смета дека најдобрите вина можат да се направат на 45. паралела. Таа се нарекува „паралела на виното“. На оваа широчина се наоѓаат познатите лозарски региони како што се француските Бургундија и Бордо, како и италијанскиот Пиемонт.
Но, климата е само еден од факторите кои се важни за одгледување на квалитетно грозје. Во принцип, виното е производ на одредено подрачје. Во винарството постои специјален термин за ова – тероар. Тој подразбира комбинација на такви природни и географски фактори како што се клима, тип на почва, релјеф и растенија кои растат на ова подрачје. Сето ова влијае на вкусот на грозјето и на самото вино. Со векови, лозарите бараат место токму со ваква комбинација од сите потребни природни фактори.
Шабо
Заедно со подрачјето долж долниот дел на Днистер, Заткарпатскиот регион и Крим, Бесарабија е регион за лозарството во Украина. Еден од центрите за производство на вино во Бесарабија е селото Шабо. Се наоѓа на брегот на Днистар, недалеку од местото каде што се влева во Црното Море, 8 километри од Белгород-Днестар и 70 километри од Одеса.
Шабо одамна го сметале за добро место, оти селото се наоѓа помеѓу „винарските“ 46. и 47. паралела. Освен тоа, Шабо има блага клима, топли воздушни струења и песочни почви, односно идеални услови за одгледување и созревање на грозјето.
Историјата на селото започна пред повеќе од 500 години, кога турско-татарските номади основале село и му дале име Аша-Абаг што на турски значи „Долни градини“. Во 19. век француските доселеници од кантонот во западниот дел на Швајцарија, дошле тука во потрага по идеално место за правење вино. Изговорот на француски јазик бил Шаба, а потоа преминал и во Шабо.
Прв доселеник и еден од основачите на колонијата бил швајцарскиот ботаничар и производител на вино Луј Тардан. Тој дошол во оваа земја во 1822 година, која се смета за официјален датум на основање на француското село Шабо.
Постепено целото крајбрежје од Днистр се засадувало со лозје.
Кристоф
Кристоф Лакарен е аристократ од дедо и од прадедо. По мајчина линија, тој ја носи титулата Маркиз де Фабијани. Семејството Лакарен се занимавало со производството на стоки за фото-филмската индустрија. Покрај тоа, Кристоф во детските години работел на семејна фарма, каде што научил да се справува со добиток, да вози трактор, да одгледува тутун и – се разбира што е прородно за винскиот регион Бордо, каде што е роден, – да прави вино. Лакарен има стекнато економско образование. Подоцна купил банкротирана фабрика за производство на стоки за филмска индустрија и седум години подоцна ја продал како успешен, профитабилен бизнис. Ова му овозможило на Лакарен да стекне капитал.
Кристоф го измислил својот прв парфем, кога имал само 10 години, со мешање на две шишиња парфем на мајка му. Мама тогаш беше многу лута, се сеќава Лакарен. Но, не го напуштил својот ентузијазам. Тој работел три години во фирма за парфеми во Париз, каде што создавал нови мириси. Како партнер, Лакарен работел со експертите на фабриката за козметика од Љвив, кадешто за година и пол создал 21 мирис. Секој мирис добивал име од „Дон Жуан листата“ на Александар Пушкин – Ана, Марија, Елисавета, Натали… Идејата за создавање на таква колекција Лакарен ја добил по посетата на Музејот на Пушкин во Одеса.
За првпат Христоф Лакарен пристигнал во Украина во 2001 година на покана на пријател – француски филантроп кој организирал дувачки натпревар во Тернопил. Таму маркизот се запознал со концертмајсторот на Конзерваториумот од Одеса, пијанистката Маријана – неговата идна сопруга.
Во текот на годината Кристоф живеел меѓу Љвив и Одеса. Тој се сеќава на своето прво запознавање со Одеса толку добро како да било вчера:
– Се сеќавам на Одеса во 2002 година. Утро, такси – стариот автомобил „победа“. Го прашав возачот: „Колку е стар автомобилот?“ Тој вели: „Не сметав колку е стар, но знам дека бил произведен во 1953 година“. И помислив дека тоа е добар знак. Кристоф Лакарен е роден во 1953 година!
На крајот, Кристоф се преселил во Одеса се оженил со Маријана и создал семејство. Сега двојката има две ќерки: постарата Софија и помладата Марија. Инаку, Кристоф Лакарин има седум деца од различни бракови.
Фонтани од парфеми
Во 2004. година, по иницијатива на Лакарен, во градскиот парк на Одеса била инсталирана фонтана, која, покрај водата, прскала парфеми во летно време. Кристоф тоа го смислил како подарок на Одеса по повод 210-годишнината на градот, како и во чест на неговата сакана Маријана. Уметникот Александар Токарев станал автор на скулптурниот состав „Фонтаната на љубовта – жива фонтана“. Скулптурата претставува маж и жена, а под нив – сад со вода, во кој дневно се додаваат 250 мл парфем.
Мирисот на фонтаната по пат на гласање е избран од жителите на Одеса. Тестирањето на мирисите било организирано од Музејот на Пушкин. Сопругата на Кристоф, Маријана и нејзините колеги ја организирале музичката придружба на оваа акција. На крајот, изборот на Одеса беше парфем со морски нијанси и багрем.
Се зборува дека создавањето на таква фонтана било инспирирано од песната на Александар Пушкин „Фонтаната во Бахчисарај“. И можно е, бидејќи следните две фонтани – „Фонтаната на љубовта“ и „Кримската надеж“ – Лакарен ги создаде во Бахчисарај. Основата на првата парфимирана фонтана беа зачини, а за втората е избрана арома на кримската лаванда.
Во пролетта 2008. година, уште една фонтана на Лакарен работела во паркот на Алушта. Таа прикажувала сирена, околу која биле прикачени три големи школки. За фонтаната бил избран сладок мирис.
Денес ниедна од овие фонтани не функционира.
Шато
Кристоф Лакарен често возел околу Одеса со автомобил – ги разгледувал историските споменици. Еднаш, откако ја прочитал песната на Пушкин „Грозје“, тој одлучил да оди во селото Шабо.
– Видов толку прекрасна земја. Еве прекрасна клима и свеж воздух! За помалку од една недела, решив да направам нешто овде – вели тој.
Лакарен дознал дека дел од лозовите насади кои претходно припаѓале на државна фарма ќе бидат уништени. Откако слушнал дека има лоза ретки видови грозје, Кристоф бил шокиран и одлучил да ја земе оваа земја под закуп. Акционерите му дале закуп од 150 хектари, а маркизот почнал да ги обработува лозовите насади.
На земјиштето под закуп на Лакарен имало винарски визби, трпезарија, штали и барака, каде што некогаш била сместена тракторска бригада. Кристоф го заинтригирал фактот дека една штала била изградена од швајцарските колонисти во 1822 година. Всушност, ова е една од првите куќи во селото, која е изградена на историска земја. Во неговата фарма, тој самиот организирал водовод и канализација.
Кристоф ја покажува винаријата — просторијата во која се произведува и чува виното. Тука се прави вино по стар француски рецепт. Покрај тоа, Лакарен винарството го прави еколошки без да користи хемиски адитиви.
Тука во Шабо се остварува целиот циклус на производство на вино, одгледување грозје берење, полнење, стареење, пакување и испорака речиси низ цела Украина. Ваквите вина во Европа се нарекуваат „шато“. Ова значи дека производот од почеток до крај се прави во едно место – Шато (Фр. Shateau).
Време на чекање во Шабо – најмалку 9 месеци. Лакарен го покажува подрумот со шишиња од 2013-2015. Во зависност од сортата и типот на талог во различни фази на производството на вино, шишињата се чуваат во различни места и се сместени под различен агол. Некои шишиња треба да се превртуваат неколку пати на ден.
Винаријата Кристоф Лакарен ја направил повеќе како хоби. За него, ова е голем креативен експеримент.
– Секој пат ќе треба да мислите дека можете да направите подобро — вели тој.
Лакарен одгледува 14 сорти грозје, вклучувајќи ги и основните седум–осум: каберне совињон, ркацители, шардоне, одеса црно… На фармата има кучиња, мачки, кокошки, овци, кози и други животинки.
Бизнис стапици
Неколку години Лакарин поднесувал документи и давал примероци на вино за да го легитимизира своето производство и да добие дозвола за продажба. Во почетокот на 2016 година, даночната служба го обвинила Лакарен за нелегална трговија со алкохолни пијалоци. Му ја одзеле опремата и го затвориле магацинот за готови производи. Кога почнале да ја разгледуваат ситуацијата, се покажало дека за производство и продажба на вино Лакарен е должен да има најмалку 14 дозволи.
Во пролетта 2016 година Кристоф Лакарен добил лиценца и акцизен печат за рачно производство на вино, а подоцна и за дозвола за извоз. Покрај тоа, во 2016 година парламентот ја укинал дозволата во вредност од половина милион хривни за трговија на големо со вино од суровини од сопствено производство.
Но, со ова проблемот на Лакарен не завршил. Неговите односи со сопствениците на земјиштето станал сѐ покомплицирани. Кон крајот на 2016 година, на земјиштето што го имал земено под закуп, непознати лица со булдожери се обиделе да ги уништат лозовите насади. Тие почнале да ги крадат бетонските столпчиња од лозовите насади. Лакарен се обратил во полиција, ама ниту крадците ниту оние што ги уништувале лозјата не биле казнети.
– Во Украина не сакаат конкуренти. Ова е монополски систем. Покрај тоа, корупцијата… За жал, морам да кажам дека корупцијата е генетска компонента не само во Украина, туку и во регионот. Историски, ова се случило кога во 30-тите години на минатиот век постоела колективизација. Луѓето немале од што да живеат, што да јадат. За да преживееш, можело и да се украде — вели Лакарен.
Тој смета дека за да се надмине овој проблем, неопходно е да се зголемат платите, да има доволно за живот и да не постои поттик луѓето да крадат.
– Се сеќавам на немирите во мај 1968 година (кога во Франција се одржаа студентски демонстрации, немири, и речиси 10 милионски штрајк, што доведе до промена на режимот и на промените во француското општество воопшто). Тоа беше огромен хаос. Што направи државата? Минималната плата ја зголеми за 60%. Имаше инфлација, но генерално тоа беше најоптималниот начин да се преживее кризата. Не може да се каже дека доколку така се зголемат платите, бизнисот ќе банкротира. Компаниите треба да научат да работат попродуктивно и квалитативно. Може да се продаде поскапо, да се извезе. Искрено, јас навистина размислував да ја напуштам Украина во декември 2013, кога почнаа немирите. Јас чувствував дека се случува нешто многу лошо за земјата. Ги прашував своите пријатели, што мислат за ова и тие ме убедуваа дека сѐ ќе биде добро. И ние се надеваме дека во иднина – не утре, тоа не е возможно, ама за неколку години во Украина ќе биде добро. Гледам дека има одредени реформи, ја гледам желбата за промени во земјата. Нема да бидеме како Европа или како САД, туку да бидеме вистински Украина, со помалку корупција – вели Лакарен.
Историјата на Кристоф Лакарен продолжува поради неговиот романтичен карактер, желбата за експерименти и откритија. И што точно можете да научите од него, освен неговите многу таленти – тоа е способноста да уживате во животот.
– Животот не е само работа, ме разбирате ли? Не треба да размислувате само за пари. Среќа е потребна. Уживам во животот дури и кога имам проблеми со администрацијата, земјопоседниците, државата. А проблеми има во која било земја, па дури и во многу успешна – додава тој.