Во Македонија има најмалку 20 пациенти годишно во состојба на мозочна смрт и тоа само на Клиниката за анестезија реанимација и интензивно лекување и на Клиниката за неврохирургија, чии органи би можеле да се искористат за трансплантација. Но проблем е што нивните семејства не даваат согласност за тој чин.
Ова беше кажано на денешната работилница што се одржа во Струмица, во организација на Министерството за здравство.
Во Европа на органи чекаат повеќе од 50.000 лица, во САД повеќе од 75.000 пациенти. Во Македонија околу 100 бубрежно болни чекаат на пресадување бубрег, орган кој засега единствено се трансплантира во нашата земја.
– Ако се земе во вид дека од еден донор може да се земат од 7 до 8 органи, тоа значи дека во Македонија губиме и до 150 органи годишно кои би можеле да бидат пресадени кај лица на кои им се неопходни. Но најголемиот дел од семејствата на лицата кои ќе се најдат во мозочна смрт одбиваат да ја дадат согласноста, некогаш се и многу сурови, велејќи ни „па ќе си купам!“, кога ќе им предочиме дека можеби и нив ќе им затреба орган. Свеста за донирањето органи мора да се зголеми – тоа е највисок степен на човекољубие кој спасува други животи – изјави д-р Маја Мојсова, национална координаторка за трансплантација.
Таа појасни дека во рок од шест часа по констатирање на мозочната смрт треба да се добие согласноста за донирање органи од семејството.
– За тоа дека некој е во мозочна смрт мора да имаме ангиографска снимка на мозокот, а органите се погодни за пресадување 24 до 48 часа. Но имаме пример во Хрватска каде трудница доби мозочно крвавење во шестиот месец од бременоста, по што мораше еден месец да ја одржуваат на апарати за да биде „инкубатор“ за бебето да созрее уште еден месец. Инаку моторциклистите кои не носат кацига а добиваат трауматски повреди во сообраќајки се меѓу најчестите потенцијални донори на органи и претставуваат дури 30 отсто од нив. А 56 отсто од можните донори се лица кои добиле мозочен инсулт – додаде д-р Мојсова.
Д -р Наташа Нинова, гинеколог од Бугарија, изјави дека оваа година од Еуротрансплант добиле 4 бели дробови за пресадување и 4 срца, а во Европа дале 8 бубрези за пресадување.
– Имавме 33 лица во мозочна смрт годинава во Бугарија од кои се донирани органи, а кај нас има национален регистер на приматели и донори што е прва ставка во овој развивање на овој процес. Моторџиите кај нас со самото зачленување во клубот на моторџии, потпишуваат и согласност за донирање органи. Инаку, и кај нас во Бугарија ако семејството каже НЕ, не може да се земат органи за пресадување од лице во мозочна смрт, иако тоа дало согласност за овој чин – рече д-р Нинова.
Во јануари в година со Бугарија се очекува да потпишеме спогодба во областа неонатологија, гинекологија и пресадување органи.
Министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека се подготвува листа на пациенти приматели на органи и електронскиот регистер, а вревата што во јавноста се кренала околу издавањето лиценци за работа на приватните болници во делот на пресадување на органи, се со цел да се обезбеди подобра инфраструктура во оваа дејност.