Елизабета Чингаровска, која е опфатена во предметот „Талир“ на СЈО кој се однесува на финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ, ја призна вината за делото перење пари и доби условна казна затвор од две години која нема да се изврши ако во наредните пет години не направи друго кривично дело.
Рочиштето за спогодбата се одржано денеска и таа засега е единствената која признала вина. Покрај неа, за перење пари во овој случај СЈО ги терети и Илија Димовски и Леко Ристоски, а за перење пари и за злоупотреба на службената положба и овластувања се теретат Никола Груевски, Кирил Божиновски и Миле Јанакиевски. Со обвинението опфатена е и политичка партија – ВМРО-ДПМНЕ која исто така се товари за перење пари.
СЈО обвинение поднесе пред еден месец и обвинителниот акт се наоѓа на оценка во Кривичниот суд каде ако ги прифатат ќе треба да го закажат и почетокот на судскиот процес.
Во „Талир“ поднесено е уште еден обвинителен акт кој се однесува на незаконската изградба на седиштето на партијата. Тоа е поднесено против обвинетите Никола Груевски и Кирил Божиновски, кои со злоупотреба на службената положба, овозможиле правното лице ДГ Бетон АД Скопје да го изгради седиштето на политичката партија, иако правното лице во времето на обезбедување на услугата имало склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.
Повеќе детали за резултатите од истрагата на СЈО можете да прочитате ТУКА.