Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика, Јоханес Хан, оценува дека Македонија може да им се придружи на Србија и Црна Гора, кои веќе се наоѓаат на евроинтеграцискиот пат и кои веќе ги почнаа преговорите за пристапуваање кон ЕУ.
– Државите од Западниот Балкан се уште се слаби и проширувањето на ЕУ е единствениот начин за мирна стабилизација на регионот. Но, кога тие ќе пристапат кон ЕУ не можам да дадам точна проценка – рече Хан во интервју за германскиот весник „Ханделсбад“.
Во однос на исполнувањето на критериумите за пристапување, Србија и Црна Гора се најблиску, но, оцени Хан, по решавањето на спорот со Грција околу името, Македонија има добри шанси да продолжи напред.
Според него, интеграцијата на Западен Балкан во Европска унија е единствен начин да се одржи мирот во регионот.
– Мораме да ја промовираме економската соработка и владеењето на законите во Западен Балкан, за земјите од овој регион го достигнат нивото на ЕУ и да имаат реална перспектива за пристап, посочи Хан.
Тој додаде дека не може да наведе точен датум, но оти 2025 година е многу важна за кредибилитетот на европската перспектива на Западен Балкан, што е широко прифатено и во Унијата.
Хан додаде дека „2030 година би била премногу далеку за земјите кандидатки да се мотивираат да ги интензивираат своите напори“.
Еврокомесарот потенцира дека на Балканот мора да постои јасна посветеност на владеењето на правото и на борбата против корупцијата.
– Годината 2025 е амбициозна, но не и нереална цел за членство во ЕУ за земјите кои најмногу постигнале на тој пат. Тоа значи дека преговорите мора да завршат до 2023 година, Исто така, станува збор за кредибилитетот на ЕУ, Кога земјите кандидатки ќе ги исполнат своите обврски, ние мораме да ги исполниме нашите ветувања, посочи Хан.