Правниците во прилепската локална самоуправа ќе ја анализираат продажбата на земјиштето на поранешниот млечен или познатиот пазар на сирење во центарот на Прилеп за кој раководството на јавното комунално претпријатие изјави дека е сомнителна. Според директорот на претпријатието Кристијан Илиоски продажбата што ја спровело претходното раководство со поранешниот градоначалник Марјан Ристески е сомнителна.
– Продажбата на „Млечниот пазар“, или популарниот поранешен Пазар за сирење е сомнителна и допрва ќе се истражува. Претпријатието го загуби тој простор и не е се уште сфатливо зошто тогашниот Управен одбор на „Пазари“ се откажал од просторот во корист на општината. Прво, беше продаден на „Кам-маркетите“, а потоа на „Тинекс“, а претпријатието не доби ниту денар од тоа, изјави на прес конференција деновиве Илиески.
Од прилепската локална самоуправа велат дека се „чешла“ документацијата на двата тендера, зашто „млечниот пазар“ двапати се продавал, а има неспоивост со законите за продажба на градежно неизградено земјиште.
– На првиот тендер распишан во 2013 година, земјиштето со површина од 1.617 метри квадратни за сума од 25 милиони денари го купи „Кам Фуд“. По неколку месеци „Кам Фуд“ се откажа од изградбата на трговско-деловниот комплекс и поведе судска постапка за раскинување на купопродажниот договор.
Во јануари 2015 година бил распишан нов тендер за продажба на земјиштето, а на 17 февруари е потпишан договорот со „Тинекс“, во кој земјиштето го купил за 28 милиони и 831 илјада и сто и десет денари. Од овие пари, како и при првата продажба, 80 насто одат во буџетот на Општината, а 20 проценти во државниот буџет.
„Тинекс“ прибавил одобрение за градење, меѓутоа новиот сопственик утврдил дека купената парцела е помала за 138 квадрати. Со анекс на договорот во ноември истата година е регулирано дека тоа е поради промена во катастарските податоци, па општината се обврзала да врати близу два и пол милиона денари. За ова неодамна е побаран премер од приватен катастар.
За разлика од првиот договор со „Кам Фуд“, во договорот со „Тинекс“, никаде не е спомнато дека со општина Прилеп ќе се склучи договор со кој на општината ќе ѝ припаднат 20 насто од изградениот објект.
Но, тендерот бил распишан спротивно на Законот за градење, велат правниците од прилепската локална самоуправа. Документацијата се анализира, изјави Марија Ташкоска од секторот за односи со јавност.
Според правните експерти, општина Прилеп издала одобрение за отстранување на објектите, бидејќи согласно Законот за градежно земјиште, на тендер може да се продава само градежно неизградено земјиште. Но и во договорот со „Тинекс“, исто како и во претходниот со „Кам Фуд“, стои клаузулата дека инвеститорот е тој кој треба да ги отстрани објектите, што значи дека тендерот бил распишан спротивно на Законот за градење, каде е предвидено на тендер да се продава само градежно неизградено земјиште.
Тоа, според толкувањето на правниците, значи дека и двата тендера биле распишани спротивно на Законот за градење. Правните експерти работат на утврдување на евентуални прекршувања на законите при спроведувањето на постапката за отуѓување на земјиштето, изјави Ташкоска.
Советниците од СДСМ бараат случајот да го преземе обвинителството.