АЛАРМАНТНО: Можни стотици новозаразени од морбили во Скопје, вонредна вакцинација во Радишани

Вон Радишани, ќе треба да се вакцинираат сите деца од една година до 14 години кои немаат доказ дека ја примиле оваа вакцина и тие ќе добијат покани. Освен во Скопје, ќе се проверуваат  картоните за вакцинација на децата од целата земја

4763
ФОТО: EPA / YAHYA ARHAB

Можно е да има и до 136 новозаразени од мали сипаници, по епидемијата на ова заболување која вчера беше прогласена во Радишани, каде има шест случаи,  бидејќи еден заболен може да зарази и до 20 здрави, невакцинирани лица. Во Радишани почнува вонредна вакцинација против морбили и таа ќе важи за  шестмесечни бебиња до млади на 14 годишна возраст, за да се намали опасноста од ширење на ова високозаразно заболување од кое може да има и смртни последици.

Ова беше соопштено на денешната прес-конференција во Министерството за здравство, кое вчера ја затвори градинката во скопската населба Радишани, каде пет деца и еден возрасен се заразиле со морбили.

– Ќе се проверуваат и околу 100.000 вакцинални картони во Скопје и очекуваме да бидат пронајдени од 5.000 до 10.000 невакцинирани деца. Вон Радишани, ќе треба да се вакцинираат сите деца од една година до 14 години кои немаат доказ дека ја примиле оваа вакцина и тие ќе добијат покани. Освен во Скопје, ќе се проверуваат  картоните за вакцинација на децата од целата земја. Во 2011 година имавме и еден смртен случај од ова заболување, од кое едно од 20 заболени може да се разболи од воспаление на белите дробови, а едно од илјада од менингитис. Затоа е многу важно да се зголеми опфатот со вакцинација против морбили, кој е намален на 67 отсто во Скопје, а во земјата опфатот е до 78 отсто – изјави д-р Александар Микиќ, епидемиолог во Институтот за јавно здравје на РМ.

Тој советува да се ограничи движењето на заболените.

– Вакцината е безбедна, сигурна и единствена заштита од малите сипаници кои се сериозно заболување и можни се компликации. Детето може да биде заразено и до три дена пред да се појават првите симптоми. Во населбата Радишани границата за вакцинирање ќе се прошири и треба да се вакцинираат сите децата кои оделе во градинката а се на возраст од шест месеци до 14 месеци со првата доза. Потоа ќе примат уште една, редовна доза. Возрасните лица треба да го проверат вакциналниот статус и да се јават ако биле во близок контакт со некој од заболените – рече д-р Микиќ.

Министерот за здравство, Венко Филипче, изјави дека сите шестмина заболени од мали сипаници се во стабилна состојба, а еден од нив е родител на едно од  заболените деца.

– Градинката е дезинфицирана и сите 104 деца се дома, ни тие и вработените може да инфицираат други, бидејќи инкубацијата за морбили трае две недели, па можно е да има и нови заболени. Во ризик да заболат од морбили се сите што не се вакцинирани, а кои биле во контакт со заболените. Загрижува што ова е веќе трета епидемија годинава, а атоа е знак на губење на колективниот имунитет од ова заболување како резултат на намалениот опфат со вакцинација, пред се, поради силните антивакцинални кампањи во последниве години – изјави Филипче.

Министерот нагласи и дека е формирана работна група во Министерството заедно со епидемиолози, претставници од МТСП и МОН, за при упис во градинките и основните училишта да се засили контролата кај децата за примените вакцини и да се провери како се спроведуваат казнените одредби спрема родителите кои одбиваат да ги вакцинираат своите деца.

Ќе се анализира и постојниот Правилник за вакцинација, со цел, како што рече Филипче, да не се дозволи трендот на намалениот обем на имунизација кај децата да продолжи, бидејќи тоа значи зголемен ризик за сето население за појава и ширење на веќе искоренети заразни заболувања.

Претседателот на Комитетот за имунизација, проф.д-р Александра Грозданова, рече дека има доволни количини ММР вакцини односно 16.854 дози од кои 3.000 се распределени по вакциналните пунктови во Скопје. Во последните 24 часа ги контролирале пунктовите и сите се снабдени со вакцини.

– Апел до родителите да ги вакцинираат децата. Вакцината е од реномиран производител – додаде таа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...