Меѓународниот ден на човековата солидарност е ден со кој треба да се прослави единството во различноста, да се подигне јавната свест за важноста на солидарноста, да се поттикне дебата за начините за промовирање на солидарноста и постигнување на целите за одржлив развој, како и потсетник на владите да ги почитуваат своите обврски кон меѓународните договори, потсетува Цивил – Центар за слобода.
Обединетите нации го посветуваат овој ден и на човековите права, искоренување на сиромаштијата, гладот, болестите, заштита на планетата и обезбедување на достоинствен живот за сите.
Цивил – Центар за слобода потсетува дека солидарноста, меѓусебното почитување, неконфликтните политики, дијалогот, соработката, заштитата на човековите права и слободи се пат кој води до подобро општество и достоинствен живот на сите луѓе.
„Она што во Македонија може да се констатира е дека сè уште, за жал, се наоѓа во состојба на грубо кршење на човековите права и слободи, поделби по различни основи, сè уште сиромаштијата е секојдневие на повеќе од една третина на населението. Она што го отсликува нашето општество е здравство кое не постои, образовен систем што деградира, корумпирани институции, говор на омраза, истакнување на различностите, поттикнување на насилство… Македонија во година на клучни општествени и политички превирања, со одлуки што треба да донесат просперитет и благосостојба, сè уште се наоѓа во магичниот круг на безизлезност“, се наведува во соопштението на Цивил.
Цивил повикува на освестување на институциите и кревање на гласот на граѓанките и граѓаните со единствена цел што води кон подобрување на животниот стандард на сите, искоренување на сиромаштијата, гладта и болестите преку солидарност и меѓусебна соработка и почитување.