Бужаровска, која предава на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и е ревносна феминистка, во интервју за МИА кажува зошто е важно да се пишува за жените, што зачувала од Мојот маж и како гледа на современата македонска книжевна сцена.
На промоцијата на книгата ги споменавте Алис Мунро, Рејмонд Карвер, Фланери О’Конор и Луција Берлин како влијанија. Колку читањето американски раскази Ве има оформено како писател, имајќи предвид дека го предавате предметот Американски расказ и на факултет?
– За волја на вистината, не сум под влијание на Лусија Берлин; само ме фасцинира колку е искрена и брутална. Пишува преавтобиографски – за што можеби се заслужни некои нејзини искуства, искуства какви што јас сум немала. Но, да, предавањето Американски расказ ми овозможи да се надградувам како писател, главно, поради темелните анализи што ги правиме на час и новите толкувања што произлегуваат од секоја генерација студенти.
Не знам зошто толку ме привлекуваат американските раскажувачи: можеби поради моите лични искуства со американската култура, можеби поради компактниот стил што успева да каже толку многу со толку малку зборови. Кога читам, сакам сама да сфатам за што станува збор. Така добивам чувство дека сум дел од чинот. Тоа ја уважува мојата интелигенција и мојата спремност да бидам присутна, да минам некое време со расказот. Мислам дека им го овозможувам истото тоа и на моите читатели.
Некои истражувања покажуваат дека карактерот ни се менува кога зборуваме друг јазик. Јапонките, на пример, повеќе се залагаат за себеси кога зборуваат англиски. Во книгава има цели пасуси на англиски – а има дури и англиски предаден со кирилично писмо. Зошто?
– Темата што проблеснува низ мојата најнова книга раскази е иселувањето во потрага по подобар живот во странство или, да речеме, економската миграција. Се осврнувам и на комплексот на инфериорност кон Западот и чувството на супериорност на Западот кон локалното население во актуелниот општествен и политички контекст. Имајќи го тоа предвид, беше невозможно да ја пишувам книгава само на македонски.
Со оглед на тоа дека Велика Британија, Америка и Австралија се популарни дестинации за тие што решиле да си одат од земјава, ми беше сосема логично да вметнам и англиски во текстот. Се стремам кон природност во директниот говор – на тој начин го документирам јазикот на времето во кое живееме. Кога станува збор за транскрипциите на кирилица, сфатив дека содржат доза исмевање, кое го искористив за да постигнам комичен ефект и за да дадам критика.
Освен што сте успешна авторка, исто сте и една од водечките македонски активистки за правата на жените. И книгава Ви ги одразува феминистичките ставови, без разлика дали, онака патем, критикувате женски лик што го зел презимето од сопругот или прикажувате сцени на женска солидарност. Дали свесно ги користите расказите за да пренесете прогресивни идеи?
– Апсолутно. Расказите ги користам како идеолошка платформа – и знам дека ова звучи грубо, но уметниците отсекогаш правеле вака. Знаејќи дека жените се речиси отсутни од книжевниот канон – и како писателки и како ликови – намерно пишувам за жените и за нивните искуства, за да се разберат и да се нормализираат. Сепак, повеќето од моите ликови не се допадливи, а ова важи и за жените. Но се обидувам да ја насочам емпатијата кон женските ликови, без оглед на нивните недостатоци. Имаат недостатоци затоа што се луѓе.
Како што ни навестува насловот на книгата, ликовите често се чувствуваат притиснати од секојдневјето или од други причини се незадоволни од таму каде што се. Зошто не ги држи место?
– Зарем не му е така на секое свесно, мислечко битие? Се надевам дека не сум единствената.
Епиграфот на корицата вели: „Секогаш ќе стигаш во овој град. Нема брод за тебе, нема пат“. Па сепак, наместо безнадежност, книгата триумфално ја истакнува апсурдноста на комплексите на инфериорност и на супериорност. Разоткривајќи и разни предрасуди, на некој начин кажувате што мислите и за иселувањето во потрага по подобар живот. Но, што мислите за современата македонска книжевност? Дали таа оди некаде?
– Колку за појаснување, ги критикувам луѓето што, како во песната на Кавафис, си го потрошиле животот во родното место, но и го уништиле и на сите други места. Тука мислам на состојбата на немоќ, апатија и неодговорност што ни овозможува да ја обвиниме својата околина без да се преиспитаме себеси.
Значи, не, не гледам ништо лошо во иселувањето во потрага по подобар живот. А мислам дека и нашето општество и нашата книжевност одат некаде. Имаме жива млада книжевна сцена и талентирани прозаисти, кои првпат во нашата историја направија читањето локални автори да биде не само привлечно, туку и популарно.
Постојано се жалиме дека сме за никаде, а никој не презема никаква одговорност. Згора на тоа, одбиваме да поздравиме каков било напредок или успех, што ни ги уништува шансите да постигнеме нешто во иднина.
Мојот маж завршува со расказ насловен „Осми март“, а истиот наслов го носи и последниот расказ во Не одам никаде. Дали вака ги поздравувате верните читатели или воведувате нова традиција? Колку сте сменета од претходната книга? Што останало исто?
– Би сакала да напишам барем уште еден расказ со наслов „Осми март“. Меѓународниот ден на жената овде се слави гротескно, што ми дава многу простор за критика, како и можност да ми биде забавно додека пишувам. Се надевам дека на моите читатели ќе им се допадне оваа „традиција“ – премногу е рано за да знам. Еве што зачував од Мојот маж: сѐ уште пишувам за секојдневни ситуации засегнати и нарушени од актуелниот општествен контекст. Сè уште разгледувам како совремието ги разнишува личните врски, сè уште се обидувам да го измешам комичното со трагичното. Сепак, овој пат, обрнав повеќе внимание на структурата на книгата, како и на стилот. Се надевам дека се гледа.
Магдалена Рид, МИА