Поранешниот австриски канцелар Ерхард Бузек смета дека ЕУ мора да ја промени својата стратегија кон Западниот Балкан и треба сите земји од регионот веднаш да ги прими во членство.
– Ниту југот на Италија не е зрел за ЕУ, па сепак е во Унијата. Нам под итно ни е потребен целиот Балкан во ЕУ. Се друго би било неправедно – изјави Бузек во обраќање на панел во Виена насловен „Европа и ти: Биланс на австриското претседавање и перспективите за изборите за Европскиот парламент“
Бузек, кој е актуелен претседател на виенскиот Институт за Подунавјето и Средна Европа (ИДМ), оцени дека многу од инструментите на ЕУ се застарени, вклучувајќи го тука и ротирачкото претседавање со Унијата.
Тој истакна дека во моментов се соочуваме со „Европа во застој“, поради што и австриското претседавање со ЕУ во вторите шест месеци од годинава не било воопшто лесно.
На собирот, научниот соработник на ИДМ, Силвија Наѓиван го претстави долументот „Јасни визии и потребните мерки што може да се реализираат“, во кој се посочува дека главен проблем на земјите од Западен Балкан е иселувањето на жителите.
Таа нагласи дека ЕУ треба да ги зајакне мерките против авторитарните лидери „ориентирани кон целите на владеење на рускиот претседател Владимир Путин“.
– Иднината на Балканот ќе зависи во голема мерка од можноста за „задушување“ на етничко-националистичката политика – заклучи Наѓиван.