Почитувани инвеститори од Лимак холдинг, дозволете да ве поканиме на една прошетка, пеш и со возило, околу вашето актуелно градилиште во Скопје, каде е предвидено да никнат неколку 20-катни згради, трговски центар, хотел, тунел и тн. во должина од околу 1 километар и сето тоа да трае 22 месеца, како што е оптимистички најавено.
Исто така, ги покануваме и инспекторите за заштита на животната средина да проверат дали и колку се почитуват предвидените мерки за заштита на воздухот околу градилиштето. Да, тие инспектори што градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, најави дека ќе ги „лови“ со ГПС за да биде сигурен дека се на „местото на злосторството“.
Нека повелат, нека дојдат да го видат тоа што граѓаните секојдневно го гледаат – а тоа се облаци од прашина зад секој камион што излегува од градилиштето, прашина наталожена на улицата, која се крева зад секое друго поминато возило. А вчера, пак, поради снекчето што падна прашината стана кал. И така, иста слика секој ден, а она што во почетокот беше само прашина сега е наталожена земја врз улицата.
На нашите прашања зошто не ги мијат тркалата на камионите пред да излезат од градилиште, денеска од канцеларијата на Лимак, чии прозорци веројатно исто така се замаглени, па не се догледува добро, ни рекоа: „се придржуваме кон вообичаените стандарди на градба. Кога се вршат ископувања, или кога со камиони се пренесува земја, секогаш настојуваме да испрскаме со вода, со цел прашината да не се пренесува во воздухот. Прашина во воздухот може да има само инцидентно, ако во моментот на ископување, задува ветер.“
Ма немојте ве молам! Ако задува ветер?
Па добро сега, ако треба да докажуваме кој подобро гледа… Плусинфо неколку пати објави фотографии на кои се гледаат облаците од прашина и неажурноста на инвеститорите да го одржуваат чисто местото околу градбата.
Неколку пати им укажавме и на отворените дупки и ископот на улицата Јордан Мијалков, но тие ноншалантно ни одговорија дека временските услови не дозволувале да се асфалтира улицата. Ви се молам! Стотина квадрати асфлат преку ноќ се ставаат! А освен тоа, таква суша е со месеци што досега неколку пати можевте да ја асфалтирате улицата.
Но, не сте само вие виновни! На комуналните инспектори ситна прашинка им влегла во очите па не можат да видат никакви неправилности на градилиштата.
Ах да, да не ги заборавивме ни екологистите! Токму оние кои се качуваа на Водно да ја спречат изградбата на гасоводот. Не, па кај се видело сиви фотки на Инстаграм…
Од Лимак понатаму нѐ уверуваат: „Се грижиме за локалната средина, за здравјето на луѓето во околината, и во иднина ќе се трудиме уште попосветено да работиме, секогаш почитувајќи ги сите стандарди на градба. Дајмонд Скопје, ќе биде комплекс на кој сите ние ќе бидеме горди“.
Е па драги наши силни инвеститори, не е така! Ние тука живееме и го дишеме воздухот што вие ни го загадувате поради тоа што не работите професионално. Инвеститорот треба денес да ги почитува жителите на овој град, кои ќе бидат главни негови муштерии утре. Ние сме тие, кои утре ќе треба да шетаат и да пазарат и да ги трошат своите пари во вашите кафулиња, станови, продавници и ресторани и да се гордеат дека имаат некаков „Дајмонд“ во градот. И ние треба да бидеме горди граѓани и да кажеме дека имаме вистински светски инвеститор кој не го загадува нашиот град додека гради и ги почитува правата на граѓаните, а не само интересот на парите. Разбираме дека сте нетрпеливи да го изградите вашиот проект, но верувајте ние сме понетрпеливи од вас.
Се прашуваме само, додека се избруси скопскиот дијамант, уште колку вакви „крвави“ изјави ќе треба да истрпиме?