Затворениците од муслиманска вероисповест од еден логор во западниот дел на Кина се меѓу илјадниците и илјадниците кои властите ги затвориле и ги тераат да се откажат од својата вера, а сега властите ги прикажуваат на телевизија како модели за каење кои заработуваат добра плата и политички спас како работници во фабрика каде шијат облека, пишува „Њујорк Тајмс“.
Индоктринација на муслиманското малцинство
Имено, владејачката Комунистичка партија соопшти дека за јакнење на пропагандата во работните логори во регионот Џинјианг одлучила да овозможи едукација за работа и ги ставила заробениците на производна лента за нивно добро за да им овозможи бегство од сиромаштијата и искушенијата на радикалниот ислам.
Меѓутоа, се поголемиот број докази за системот на присилна работа во логорите ја зајакна меѓународната осуда на драстичните обиди на Кина да го контролира и индоктринира муслиманското етничко малцинство во регионот Џинјианг каде се верува дека ги има 13 милиони. Сведоштва, снимки од сателит и службени докази говорат за растечка бројка на затвореници кои се испраќаат во нови фабрики кои се градат во кампот или околината на кампот каде заробениците имаат малку избор и каде мора да прифатат работа и да слушаат наредби.
Бесплатна работна сила
– Луѓето кои власта ги задржала даваат бесплатна или ефтина работна сила за тие фабрики – изјави турскиот истражувач Мехмет Волкан Касикци кој собира сведоштва на затвореници со интервјуирање на нивни роднини кои ја напуштиле Кина и додаде: „До мене стигнуваат приказни“.
Кина му пркоси на меѓународното противење на работничките логори во Џинјианг кои затвораат муслимани и ги присилуваат да се откажат од својата вера и да и се заколнат на партијата. Јакнењето на програмата ја истакнува желбата на властите да продолжат со логорите и покрај постојаните барања на функционери од ОН, САД и други светски влади.
Целта на програмата е трансформирање на етничкото малцинство од кое многу фармери и претприемачи се претворени во дисциплинирана работна сила која го зборува службениот јазик и која е лојална на Комунистичката партија и на директорите на фабриките, тврдат службените планови кои ги опишуваат камповите како центри за стручно оспособување.
Строг полициски надзор
Сведоштвата на затворениците кои работат во тие фабрики се ретки со оглед на тоа дека полицијата ги блокира пристапите до камповите и строго го надгледува движењето на странските новинари кои отпатувале во Џинјианг. Меѓутоа, Серикан Билаш, основач на здружение за Човекови права во Казахстан рече дека интервјуирал роднини на десетици затвореници кои им рекле на своите семејства дека биле принудени да работат во фабрики откако поминале процес на индоктринација во кампови.
– Најчесто правеле облека, а своите работодавачи ги нарекуваат „црни фабрики“ затоа што платите им се мали и условите за работа се тешки – изјави Билаш.
Оние кои биле пуштени од логорот морале да работат во фабриките кои се во близина на камповите за да можат да бидат под надзор, а се што ќе направат ќе биде продадено во кинески продавници и би можело да се најде на меѓународен пазар.
Неверојатно голем број заробеници
Во извештаите за јужниот дел на регионот Ксинџианг кој е во фокусот на програмата, се наведува дека е во план во фабриките да се испратат сто илјади затвореници кои поминале низ центрите за стручно оспособување, меѓутоа се верува дека тоа е амбициозна политичка цел, а не реална бројка.
Научниците веруваат дека е можно да се притворени дури милион луѓе, но кинеските власти овие бројки не ги потврдуваат, ниту ги негираат.
Се вклучија и претприемачите
– Не гледам дека Кина ќе се повлече ниту еден сантиметар од Ксинџианг, смета Џон Кем основач на Фондацијата Дуи Хуа која лобира за човекови права во Кина. Тој додаде: „Сега изгледа како во целата приказна да доаѓаат и претприемачи кои ја користат ситуацијата“ – пишува „Њујорк тајмс“.
Кем смета дека трговците во САД и во другите земји не би требало да купуваат облека и други производи што се направени во камповите. Имено, минатиот месец компанијата од Северна Каролина „Баџер спорт веар“ прими пратка облека од компанијата Хетијан Таида која на националната кинеска телевизија ги промовираше логорите.
Едукација ?
Кина тврди дека работниците кои поминуваат низ центрите за стручно оспособување ќе добијат нови вештини за живот, но според експертите вештините кои ги добиваат се основни. Едно од оправдувањата за програмата која припадниците на етничките малцинства би требало да ги извади од сиромаштија, е учењето на службениот јазик кој многумина не го знаат.
Интересно е што Кина најави субвенција од 260 долари за секој затвореник кој компаниите ќе го земат во своите фабрики, како и многу други предности.
Затворениците во тие фабрики ќе мора да останат со години. Имено, роднина на еден од затворениците, кој поминал индроктинација и кој бил пуштен оваа есен, морал да се врати да работи во фабриката и му било кажано дека тоа ќе трае три години.
Поддршка од медиумите
Државните медиуми дадоа јавна поддршка за центрите затоа што тие „им помагаат на луѓето да тргнат кон модерна цивилизација“ и ја известија јавноста дека работниците добиваат добра плата.
– Образованието ќе ги претвори од номади во вешти работници. Образованието и оспособувањето ќе ги претворат во модерни луѓе, корисни за општеството – објави „Ксинџианг дејли“ државен медиум на регионот.
ФОТО: МИА