Резултатот од тековниот процес на ратификување на договорот потпишан помеѓу Атина и Скопје нема да влијае на односите на Русија со Грција, рече денеска рускиот амбасадор во Грција, пренесе МКД.
Дали Преспанскиот договор ќе се ратификува или не нема да влијае врз односите со Грција“, им рече Андреј Маслов на новинарите во Атина, за време на брифингот за неодамнешната посета на премиерот Алексис Ципрас во Москва, каде што тој се состана со рускиот претседател Владимир Путин.
Тој рече дека односите меѓу двете земји се нормализираат по дипломатскиот инцидент летово, кога Грција протера двајца руски дипломати и им забрани на други двајца да влезат во земјата поради наводно мешање со договорот за името, додавајќи дека прашањето не било споменато за време на разговорите меѓу двајцата лидери, пишува Катимерини.
Запрашан дали Русија планира да стави вето на договорот во Советот за безбедност на ОН, Маслов рече дека неговата земја не се противи на ниедно ново име што Македонија може да го усвои.
„Нам ни е сосема сеедно. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров јасно го кажа ова пред речиси една година. Тој рече дека без оглед на името за кое ќе се согласат Атина и Скопје, ако тоа е официјално одлучено и заштитено во Уставот на Република Македонија, тогаш ние сигурно ќе го признаеме“, рече тој.