Македонски државјани со автомобил и пеш пренесувале дрога во Грција

280

Во рамки на борбата со прекуграничен криминал, грчката полиција запленила 33 килограми канабис, во два одвоени случаи во Солун и Кукуш и уапсила три лица, кои според грчките медиуми, се македонски државјани, а дрогата ја внеле и ја пренесувале во Грција.

Од грчката полиција соопштуваат дека во првиот случај се уапсени две лица и биле откриени над 21 килограм канабис. Едниот од уапсените со туркање на полицајците се обидел да избега, но безуспешно, јави дописничката на МИА од Атина.

„Вчера напладне во регионот на Солун беа уапсени двајца странски државјани на возраст од 42 и 39 години, бидејќи беше откриено дека во земјата внеле и пренесувале со две возила, од кои едното имало функција на претходник, 20 рачно изработени пакети со канабис со вкупна тежина од 21 килограм и 881 грама“, соопштуваат од грчката полиција во однос на првиот случај, а солунските медиуми објавуваат дека уапсените се македонски државјани.

И во вториот случај, според медиумите, станува збор за македонски државјанин.

На 16 декември, како што соопштуваат од грчката полиција, во рурален дел во Кукуш бил уапсен 31-годишен странски државјанин кој пеш, нелегално влегол во Грција и со него имал торба со 11 килограми и 200 грама канабис.

И во двата случаи, дрогата е запленета, а уапсените биле изведени пред јавен обвинител

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...