А сите, еднаш, бевме деца…

978

Има ли нешто почисто од детските души? Знаат ли во какво семејство се родиле, во каква средина ќе бидат воспитувани? Знаат ли која вера се, на која партија им припаѓаат, на кој јазик ќе зборуваат? Знаат ли оние бебиња на скопските крстосници во чии раце спијат? На дожд, на ветер, на сонце, на изгор лето, во кочан зима, или громогласно плачат од загаденоста на воздухот од ауспусите на камионите и автобусите, од големата концентрација на ПМ честичките, додека нивните мајки ја пружаат едната рака кон затемнетите прозорци на џиповите што чекаат на црвено за да испросат 10 денари? Знаат ли детските души дека скапо платени гувернанти ги дојат со специјално алпско млеко во прав во одаите на “кралските“ палати, во хациендите на транзициските капиталисти, заобиколени со високи ѕидови, опремени со најсовремени јонизатори за прочистување на воздухот, дека ги заспиваат во дијамантски колевки покрај сините базени на зелените тревници, како бебиња на Шеици…?

Не. Децата поим немаат. Дури откако малку ќе потпораснат, на 4,5,8.., можеби, ќе почнат да ја наслутуваат сопствената судбина, ама сè уште ништо не разбираат. Сè уште нивните души се чисти како најчистиот небрусен дијамант ископан од длабочините на дијамантските рудници во Боцвана со милионски каратен сертификат на кој можат да му позавидат и руските. Ниту знаат што е живот, уште помалку што е смрт. Не знаат што значи да си богат, а што сиромав. “Дете, што знае што е 300 кила, зима, става на рамо и носи, бе, друже инспекторе!“, се вели во еден виц. И нема тука филозофија дека тоа е баш така како што рекол родителот кој украл неколку шини од пругата која поминува покрај неговата картонска куќарка за да ги продаде како старо железо за да се прехрани себе и своите деца. Тој ја кажал голата вистина за децата, за да се одбрани од сопственото недело. И навистина, што знаат децата на 4, 5, 8…?

Знаат возрасните? Тие знаат сè. Знаат и нивните родители, знае и општеството. Знаат сите возрасни во светот, дека, децата, ништо не знаат. Тие стануваат онакви и такви, примерни и непримерни граѓани, тогаш, кога ќе созреат, кога доволно ќе пораснат, кога ќе почнат да ги презентираат сопствените ставови за животот, кога ќе почнат да се однесуваат онака како што биле воспитувани од најблиските, од средината во која растеле и созревале, од државата. На едните им е сеедно, живеат од аздис на големите богатства, односно, од наплив на голата сиромаштија. На други, молчеливи и срамежливи, им е битно дека на некои трети, четврти, им е докурчено од филозофирање за тоа што е живот а што смрт, зошто едните биле богати другите сиромашни и се дерат: “Дај ми, бе, шанса да заработам за леб и ебиси мајката“, е всушност, најчестата реплика на ретките здраворазумни прагматичари, веќе пораснати и израснати деца…

Но, што друго знаат возрасните, созреаните? Знаат ли сите возрасни кои создаваат поколенија дека првата и основна функција им е воспитување на сопствените деца? Знае ли зрелото општество дека во здравите деца, во стабилната младина е иднината на сите идни генерации? Знаат ли созреаните дека за да се заработи во животот не треба да се проси? Знаат ли дека не треба да се краде од каква било позиција, најмалку од политичка? Знае ли државата дека на сите деца им следува вистинско, право воспитување и образование, дека им требаат вистински примери од повозрасните, за да од нив создаде и права, вистинска здраворазумна генерација од добронамерни следбеници? Знаат ли возрасните да им објаснат на децата зошто едните одат во црква, другите во џамија? Зошто едните зборуваат другачие од другите, а живеат едни покрај други? Знаат ли транзициските возрасни тајкуни да им објаснат на сопствените следбеници зошто едни се богати до бесознание, други сиромашни до гроб? И обратно…?

Да. Знаат сè. Ги знаат сите одговори, ама не им пасуе да ги кажат. И не е битна констатацијата на “богатите“ која вообичаено иде вака: “Кој ги ебе бе сиромашните кога не успеале да се снајдат у транзицијава“, туку онаа на сиромашните која се’ поише иде вака: “Се снашле, бе, алаФ да им е!“. Оние, пак, кои се осмелуваат да ја кажат вистината, немаат значајност во етерот. Нивните крикови за транзициските неправди, за енормното богатство на едната страна и екстремното сиромаштво на другата страна, паѓаат како тивки шепотења пред сопствените носеви…

Ебиго друже судија, децата не стануваат кога учителката влегува во училница и не викаат во хор, добар ден учителке, затоа што до училница ги донеле со џип од 100 илјади евра, младите не трчаат да се запишат во тефтерите на бригадите за работните акции на пролет, затоа што нема да има кој да прави егзибиционистички забави покрај олимписките базени во хациендите на родителите. Сите трчаат по пари. Едни на семафори, други во приватните трезори на светските банки…

А сите, еднаш, бевме деца…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...