Филипче: Квотите на лекови за аптеките ќе се распределуваат по нови модели

277
Има неколку нови модели на делење на квотите на лекови за аптеките. Во предлог буџетот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија за 2019 година ќе има различна распределба на квотите на лекови за различни аптеки во земјата.

Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој изрази надеж дека тоа ќе биде еден механизам кој значајно ќе ја смени сликата, поради тоа што со предвиденото зголемување на квотите на огромен број аптеки во земјата тие ќе можат да обезбедат доволна количина лекови за целиот месец.

Освен тоа, посочи, се менува и начинот како ќе се наплаќаат лековите, односно ќе биде според процент на искористеност на квотата, а не според рецепт, како што беше досега.

– Тоа значи дека во секој момент нема да има никаква улога дали лекот кој се издава на рецепт е од поевтините или од поскапите лекови, заради тоа што со издавањето на лекови на рецепт кои се поевтини на некој начин аптеките имаат поголема заработка и тоа беше една од причините зошто немаше лекови до 15. во месецот, а со смена на оваа методологија, веруваме дека тој проблем ќе се надмине – додаде министерот Филипче, одговарајќи по прес-конференцијата на Клиниката за уво, нос и грло.

Иако граѓаните, исто како и аптеките,како што веќе објавивме, очекуваат да се зголемат месечните износи за лекови што им се распределуваат на аптеките (квотите со лекови), се чини дека дел од средствата само ќе бидат пренаменети од едни на други аптеки, наместо за оваа ставка да се даде поголема „инфузија“.

Очекувавме квотите да ни се зголемат, но нѐ облеа „студен туш“ кога ја видовме предлог-одлуката (во нацрт верзија) со која квотите со лекови од позитивната листа кои се издаваат на рецепт, ќе ни се намалат! Тоа, освен што ќе се одрази директно на нашето работење, ќе влијае и на достапноста на лековите на рецепт за граѓаните. Зошто Фондот одделува синџир аптеки од аптека и како може аптека која има 5 аптеки (организациони единици) да добие слична месечна квота со некоја аптека која има 100 аптеки? – реагираа од неколку синџири на аптеки, кои имаат и до 98 отсто исполнетост на квотите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...