Во понеделник ќе се вклучат прочистувачите на воздух во кавадаречките училишта кои ги донираше фондацијата „Никола Јанчев“. Денеска, по повод верскиот празник Свети Никола, директорката на компанијата „Кожувчанка“ и на фондацијата, Јанинка Чупаркоска, ги додели прочистувачите на директорите на училиштата. Со оваа донација чист воздух ќе дишат околу 3.500 основци.
Градоначлникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој присуствуваше на доделувањето, истакна дека најголем дел од парите за оваа донација се од неговата градоначалничка плата која што ја донира во Фондацијата, но и пари од семејната компанија.
– Целта ни е хуманоста. Пред неколку месеци доделивме 36 стипендии на основци, средношколци и студенти – рече Чупаркоска.
Фондацијата „Никола Јанчев“ е формирана во чест на прерано починатиот сопственик на најпознатиот бренд во Македонија за производство на минерална вода Никола Јанчев, и основната цел на нејзинoто постоење е да вложува средства и опрема за младите луѓе со цел да се унапреди или подобри животот, работата и нивното образование. Во тоа засега успеваат и сета почит за Митко Јанчев и Јанинка Чупаркоска, син и ќерка на Никола, кои продолжуваат да ја развиваат „Кожувчанка“ -Кавадарци заедно со „Синалко“, во најдобрите македонски производи.
Денешната средба покажа дека Фондацијата „Никола Јанчев“ станува општествено одговорна кога се во прашање децата и младите, и е во склад со актуелностите поврзани со аерозагадувањето. Ним и на вработените во основните учиулишта им подари 120 прочистувачи за воздух во вредност од окилу 36.000 евра, (за секоја училница посебно) со цел да се прочистува воздухот во просториите во кој учениците престојуваат неколку часа.
Донацијатата ја примија директорите на 6 основни училишта од Кавадарци, ООУ „Димката А. Габерот“ – 15 прочистувачи, ООУ „Димката А. Габерот“ Ваташа – 19 прочистувачи, ООУ „Тоде Х. Тефоф“ – 19 прочистувачи, ООУ „Гоце Делчев“ – 18 прочистувачи, ООУ „Страшо Пинџур“ – 22 прочистувачи и во ООУ „Тошо Велков Пепето“ – 23 прочистувачи.
Јанинка и Митко денеска им се обратија на присутните директори на Основните училишта од Кавадарци, испраќајки пораки дека за децата треба сите да водиме грижа и да настојуваме нивното образование да биде оптимално, без проблеми, поради што и тие како дел од ова фондација водат многу сметка. Фондацијата и во иднина ќе вложува таму каде ќе оцени дека треба да се донираат средства или опрема за подобрување на квалитетот на обрзованието и активностите поврзани со тоа.
Фото: КТВ