Сѐ уште никој од обвинетите во судскиот процес за 27 април, меѓу кои се и петмината пратеници, не потврди дали ќе поднесе барање за амнестија или не. Возржаност има и кај судот и кај обвинителството.
Според тоа како пратениците си го стокмија законот, во рацете на овие две институции ќе биде крајната одлука за тоа кој ќе биде амнестиран.
– Со оглед дека Законот за кој прашувате сѐ уште не е објавен во Службен весник и не е достапен на увид на судот, не би можеле во овој момент да дадеме било каков коментар на истиот – велат од Основниот суд Скопје 1.
Дека ќе го разгледаат откако ќе биде објавен, одговараат и од обвинителството додавајќи дека ќе постапат според решенијата предвидени во Законот.
Според очекувањата, веројатно утре законот ќе се објави во Службен весник и веднаш ќе стапи на сила. За да се објави, утрово се очекуваше само потпис од претседателот на државата Ѓорѓе Иванов.
Објавувањето го очекуваат и дел од адвокатите на обвинетите во судскиот процес за 27 април, од кои дел се во притвор дел на слобода. Оние со кои разговаравме посочуваат дека прво би сакале и официјално да го видат законот во Службен весник, како и да разговараат со нивните клиенти.
Со нив, адвокатите сигурно ќе се видат утре во Кривичниот суд каде треба да се одржи ново рочиште за настаните од 27 април.
Обвинетите петмина пратеници одбиваат директно да се произнесат дали ќе бараат амнестија.
– Немам ништо што да изјавам. Кога ќе имам ќе кажам – беше краткиот одговор кој го добивме од пратеникот Јохан Тарчуловски.
Љубен Арнаудов, пак, во разговор со редакцијата на Плусинфо, рече дека сѐ уште не донел одлука дали ќе бара амнестија, но посочи дека нема ништо против ако истата е законска и издржана.
Но, од друга страна вели тој, ако побара амнестија тоа ќе значи дека признава вина и токму и за ова повторно сака да разговара со неговиот адвокатот пред да одлучи.
– Јас лично знам дека ништо не направив. Во тој момент се затекнав во Собранието, нѐ понесоа емоциите, но јас цело време разговарам по телефон со членови од моето семејство бидејќи тие беа загрижени од тоа што го гледаат. Ако е тоа вина тогаш јас сум виновен. По консултации со адвокатот ќе изберам најдобро решение – вели Арнаудов.
Останатите пратеници, и покрај нашата упорност, останаа глуви на телефонски повици.
Инаку, Законот ќе стапи на сила истиот ден кога ќе се објави во Службен весник. Тогаш ќе почне да тече и рокот од пет дена во кој обвинетите, осудените и осомничените ќе можат да поднесат барање за амнестија. Потоа, судот ќе треба да донесе решение во рок од пет дена откако прво ќе добие мислење и од обвинителот.
Според законот кој вчера го изгласаа пратениците, амнестија нема да има за кривичните дела здружување заради непријателска дејност, насилство и убиство. За делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста ќе има делумна амнестија односно таа нема да важи само за оние кои го сториле ова дело на начин што биле со фантомки, тепале, носеле оружје и постапиле спротивно на службеното овластување.
Целиот закон можете да го прочитате ТУКА.