На скопјанка ѝ извадиле тумор од срцето, откако ја породиле во „Аџибадем Систина”

Доколку ова не се направеше, последиците можеа да бидат фатални. Можеше да се случи мајката и бебето да немаат доволно кислород за време на породувањето или при напор од мајката – да се откачи дел од туморот и да не преживеат! - вели д-р Петровска

3268

Кардиохируршкиот, гинеколошкиот и педијатрискиот тим од Клиничката болница „Аџибадем Систина” изведоа две операции, една по друга, на трудница во деветтиот месец од бременоста. По извршениот царски рез, при што бебето беше безбедно породено, на 34-годишна скопјанка ѝ е изваден тумор од срцето. Ова е уште една во низата успешни исклучително комплицирани оперативни интервенции во последниве месеци, коишто ја сместуваат „Аџибадем Систина” не само во врвот на националниот здравствен систем туку и меѓу топ клиничките болници глобално. Бебето и мајката се во добра здравствена состојба и денеска заминуваат дома.

На пациентката туморот ѝ е дијагностициран пред неколку денови, при рутински преглед, кога се пожалила дека има тешкотии во дишењето. Интервенцијата помина успешно и мајката и бебето сега се во добра општа здравствена состојба. Ова е редок случај кога истовремено се изведуваат две операции кои се сметаат за многу сериозни интервенции, а „Аџибадем Систина” е единствената болница во регионот што можеше да одговори на овој предизвик.

– Откако се пожали на тегоби во дишењето, кај пациентката воочивме дека има синдром на горна шуплива вена, со благ оток на вените на вратот и на лицето. Направивме ултразвук кој откри огромна туморска маса буквално на целата десна преткомора, којашто правеше опструкција на излезот на крв од десната преткомора кон десната комора. Итно интервениравме затоа што трудницата беше во последниот месец од бременоста. По направениот царски рез, се премина на нова операција во која беше изваден туморот од срцето. Сложениот зафат траеше шест часа, а ваква операција, во која веднаш по царскиот рез се врши и нова тешка интервенција, е вистинска реткост, со што уште еднаш докажавме дека сме најдобриот тим во регионот – вели проф. д-р Александар Николиќ, шефот на Кардиохируршкиот оддел во „Аџибадем Систина“.

Д-р Гордана Петровска, шеф на Одделот на гинекологија и акушерство во болницата, нагласува дека поради сложеноста на состојбата и можноста од компликации, на пациентката веднаш ѝ било направено предвремено породување, а потоа и интервенција за отстранување на туморот.

– Гинеколошкиот тим прво го заврши породувањето, за бебето да не биде под анестетик за време на операцијата на срцето. Бебето сега е здраво и во одлична состојба и нема потреба од дополнителна терапија. Доколку ова не се направеше, последиците можеа да бидат фатални. Можеше да се случи мајката и бебето да немаат доволно кислород за време на породувањето или при напор од мајката – да се откачи дел од туморот и да не преживеат! – вели д-р Петровска.

Тумор на срцева преткомора е многу ретка болест. Во тимот од „Аџибадем Систина” велат дека се гордеат што на ваков начин се спасени животите и на младата мајка и на нејзиното дете.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...