Македонска пошта ќе го задржи монополот уште една година

Владата предложи измени во Законот за поштенските услуги со кои ја одлага целосната либерализација на поштенскиот пазар во земјава до 31 декември 2019 година.

399

Државната „Македонска пошта“ уште една година ќе има ексклузивно право да доставува поштенски пратки за кореспонденција (писма и поштенски картички) и пратки на директна пошта до 50 грама.

Владата предложи измени во Законот за поштенските услуги со кои ја одлага целосната либерализација на поштенскиот пазар во земјава до 31 декември 2019 година.

Според досегашниот закон, „Македонска пошта“ требаше да го изгуби ексклузивното право на достава на резервни пратки на 31 декември годинава. Но, со предложените измени, овој рок се продолжува за уште две години.

Измените во регулативата веќе се на собраниската седница која е во тек и се очекува да бидат донесени по скратена постапка.

Целосна либерализација на поштенскиот пазар, првично беше планиран за почетокот на 2012 година, но оттогаш се одлага секои две години. Последното одложување беше до 31 декември 2018 година.

Од Министерството за транспорт и врски, кое е предлагач на законот, објаснуваат дека рокот се продолжува по барање на а.д „Македонска пошта“, во кое Владата е акционер. Но, регулаторот, Агенцијата за пошти, како и приватните поштенски оператори, бараат либерализацијата да се заврши.

Поштенскиот пазар во земјава е делумно либерализиран односно постои резервиран дел за давателот на универзална услуга за пратки за кореспонденција до 50 грама со ексклузивно право за давателот на универзална услуга само во однос на цената. Тоа, како што беше првично најавено, требаше да и овозможи на „Македонска пошта“ стабилни извори за финансирање.

Ексклузивното право не ги исклучува останатите оператори на поштенскиот пазар во извршување на овој вид услуги.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...