Околу илјада деца од семејства во социјален ризик бесплатно ќе зимуваат шест дена за време на зимскиот распуст во 2019 година. Владата денеска на 110-тата седница ја прифати информацијата за реализација на проектот за користење услуга за одмор и рекреација на деца од семејства во социјален ризик и деца корисници на посебен додаток.
Се работи за деца родени од 2004 до 2009 година, односно редовни ученици кои во учебната 2018/2019 година посетуваат петто, шесто, седмо, осмо и деветто одделение од семејства во социјален ризик, односно корисници на социјална парична помош, постојана парична помош, детски додаток и децата без родители и родителска грижа, како и деца корисници на посебен додаток до 26-годишна возраст.
Децата имаат право на зимување шест дена, коишто ќе бидат надополнети со едукативно-забавни активности. Децата корисници на посебен додаток и/или деца со инвалидитет имаат право на придружник за време на користењето на оваа услуга, соопшти владината прес-служба.