Прочитајте што се предлага со Законот за амнестија за 27 април ИНТЕГРАЛНО

1111
ФОТО: EPA/MAJA ZLATEVSKA

Собранискиот спикер, Талат Џафери, за попладнево ја закажа пленарната седница на која единствена точка е Предлог-законот за амнестија изготвен од телото за помирување.

Што предвидува овој закон, прочитајте интегрално во продолжение:

ПРЕДЛОГ- ЗАКОН ЗА АМНЕСТИЈА

Член 1

(1) Со овој закон се ослободуваат од кривично гонење, се запираат поведените кривични постапки и целосно се ослободуваат од издржување на казната затвор ( во натамошниот текст: “амнестија”) лицата за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело поврзано со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година.

(2) Со амнестија од став (1) на овој член се:

  • ослободуваат од кривично гонење според Кривичниот законик и друг закон на Република Македонија лицата за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело поврзано со собраниските настани од 27 април 2017 година,
  • запираат кривичните постапки за кривични дела според Кривичниот законик и друг закон на Република Македонија против лица осомничени и обвинети, а во врска со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело до денот на влегување во сила на овој закон,
  • ослободуваат од извршување на казна условна осуда и се ослободуваат од издржување на казната затвор лицата кои сториле кривични дела според Кривичниот законик и друг закон на Република Македонија, а во врска со настаните од Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година, а кои на денот на влегувањето во сила на овој закон започнале со извршување на казната условна осуда или издржување на казната затвор во казнено-поправните установи во Република Македонија.

(3) Одредбите од став (2) алинеи 1, 2 и 3 од овој член не се однесуваат за лица осомничени, обвинети, правосилно осудени како и лица кои издржуваат казна затвор за настаните поврзани и во врска со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година за кои постои основано сомнение дека учествувале во подготвување или организирање на настаните во Собранието на Република Македонија или се правосилно осудени, а кои до денот на влегување во сила на овој закон сториле кривично дело „Здружување заради непријателска дејност” од член 324 став 1 од Кривичниот законик, лица со прикриен идентитет кои употребиле физичка сила, лица кои сториле насилство, лица кои неовластено носеле оружје или распрскувачки материјали и лица кои постапиле спротивно на службените овластувања при вршење на кривичното дело „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста” од член 313 од Кривичниот законик, кривичното дело „Убиство” од  член 123 од Кривичниот законик, кривичното дело „Насилство” од член 386 од Кривичниот законик ( “Службен весник на Република Македонија” број 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/11, 135/11, 185/11, 142/12, 166/12, 55/13, 82/13, 14/14, 27/14, 28/14, 41/14, 115/14, 132/14, 160/14, 199/14, 196/15, 226/ 15 и 97/17).

(4) Овој исклучок не се однесува на сторители на кривичното дело „Насилство” од член 386 од Кривичниот законик , како и сторители на кривичното дело „Здружување заради непријателска дејност” од член  324 од Кривичниот законик во врска со членовите  18, 19, 23 и 24 од Кривичниот законик.

(5) Се определува бришење на осудата и се укинува правната последица на осудата заклучно со денот на влегувањето во сила на овој закон

Член 2

(1) Постапката за примена на овој закон за лицата против кои е во тек кривична постапка, се поведува по барање на осомниченото, обвинетото и осуденото лице.

(2) Барањето од став (1) на овој член се поднесува во рок од 5 (пет) дена од денот на влегувањето во сила на овој закон, до првостепениот суд пред кој се води постапката, кој го носи решението во рок од 5 (пет) дена по приемот на барањето доколку се исполнети условите од овој закон, а по претходно прибавено мислење од надлежен јавен обвинител.

(3) Постапката за примена на овој закон за лицата кои се правосилно осудени, а кои не отпочнале со издржување на казната затвор, по службена должност ја поведува надлежниот првостепен суд што ја донел пресудата, по барање на надлежниот јавен обвинител , по барање на осуденото лице , или лице кое во корист на обвинетиот може да изјави жалба.

(4) Постапката за примена на овој закон за лицата кои се правосилно осудени и се на издржување на казната затвор, по службена должност ја поведува казнено- поправната установа во која осуденото лице ја издржува казната затвор.

(5) Решението за амнестија според одредбите од овој закон го донесува судот што ја донел првостепената одлука, во рок од пет (5) дена од денот на приемот на барањето.

Член 3

(1) Против решенијата од член 2 од овој закон жалба можат да поднесат лицата на кои се однесува амнестијата и лицата кои во нивна корист можат да изјават жалба во рок од три (3) дена.

(2) По жалбата против решението на првостепениот суд одлучува напосредно повисокиот суд, во рок од три (3) дена.

Член 4

Доколку со овој закон не е поинаку определено, во постапката за спроведување на овој закон се применуваат одредбите од Законот за кривична постапка и Законот за извршување на санкциите.

Член 5

Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во “ Службен весник на Република Македонија”

ФОТО: EPA/MAJA ZLATEVSKA

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...