Грујо избега ама идеите му останаа во Македонија

768

Пофалби и разочарување. Тоа е секојдневна тема на разговор во Македонија откако груевизмот замина во историјата. Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ си заминаа. Но зборувањата за него и неговите идеи останаа. На нивно место дојде СДСМ. На голема врата со грст ветувања дојдоа. За сработеното од народот добија пофалби, а за она што го „утнаа“ критика. Точно е дека како главна обврска им беше да го решат проблемот со името со Грција, а за ВМРО-ДПМНЕ разочарување е дека со Преспанскиот договор направиле предавство. Ја предале Македонија. И така во Македонија само се дискутира, само се водат расправи, караници. И за старо и за младо темата е иста. А ни едните ни другите не забораваат со плукање.

Така коментираат двајца пријатели. Едниот, кој по изговорот иако возрасен, се чини дека е дојденец, а другиот оттука. Првиот вели дека е член на ВМРО-ДПМНЕ, а другиот пак, бил неопределен. Стојат на улицата и се расправаат. Првиот, малку понервозно, му вели на другиот:

„За да влезе Македонија во НАТО и ЕУ го продадоа името, идентитетот, јазикот. Како може да го продадат името. А се покажаа и дека се корумпирани и неспособни да ја подобрат состојбата во економијата, здравството, образованието, да ја намалат сиромаштијата и да го сопрат иселувањето на младите. Ветија „живот за сите“. Ветија повеќе вработувања. Ништо. Трчаа да го сменат името, а сето друго што го ветуваа го заборавија“.

„Прости, но, или не ги разбираш некои работи или за инает зборуваш. Точно е дека сѐ што ветија не исполнија. Но, да те прашам колкав „борч“ им оставија оние „вашине груевисти“. Ги украдоа сите пари. И побегнаа. Некои сметка поднесуваат, ама главниот побегна. А без пари што можеш да направиш? За името. И за тоа не си во право. Ако ВМРО-ДПМНЕ имаше решение зашто не го решија а беше на власт цели единаесет години. Големите од Европа и од Америка им подадоа рака на новите и им рекоа компромис да најдат со Грците и еднаш засекогаш да го решат проблемот. Седнаа и најдоа. Преспански договор потпишаа. Со компромисот Република Македонија, ако сака мир, ако сака да влезе во НАТО и ЕУ мора да го смени името во Република Северна Македонија. Така им рекоа и така се договорија. За ВМРО-ДПМНЕ договорот не чинел, бил предавнички. Името, јазикот и идентитетот ќе сме го немале. И Германија и Америка дадоа гаранција дека ние пак ќе си бидеме македонски народ, со мајчин македонски јазик и со македонски идентитет. Што е тоа што не чини. Можеби само за вас од Егејот и од ВМРО-ДПМНЕ договорот не чини. А зошто сега реагираат. Дали поради тоа што тие не го решија проблемот?“, му вели другиот.

„Да те прашам. Пак ли Грциштава нема да нѐ пуштаат да си го видиме родниот крај. Да ги видиме куќите, да запалиме свеќа на гробовите на татко ми, мајка ми!“

„Пријателе, тоа време ќе остане заборавено. Големите сакаат мир да има и во овој дел на Балканот. Ако влеземе во НАТО и ЕУ, не само што светот ќе ни го признае македонскиот јазик туку и границите за навек никој не ќе може да ни ги менува. Границата ќе биде слободна и кон Грција и кон Албанија и кон Бугарија“, му вели другиот.

„Добро. А зошто ни викаат дека со промена на името сѐ ќе сме изгубеле? Дека не било така како што викаат СДСМ и Америка“, го прашува првиот.

„За инает пријателе. Ние Македонците сме еден грст, но сме полни со инает. Не на комшијата козата да му умре туку сега бараме и тој да умре. Ај да те прашам. Што е подобро. Преспанскиот договор или и понатаму да останеме заобиколени од сите. Сите да нѐ мразат. Со никого да не живееме. Ако тоа го бараме уште многу векови ќе си останеме овде и сиромашни и осамени и постојано ќе се плукаме едни со други. Туку ајде сето ова да им го оставиме на големите и пратениците зашто тие на народот му ветија подобра иднина. Белким СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, за доброто на сите, ќе најдат разбирање“, рече првиот.

Без збор повеќе се ракуваа и заминаа еден на една, а друг на друга страна.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...