Ургентниот центар на Клиниката три години не функционира и поради недостиг од кадар не се во состојба да го пуштат во функција. Тогаш кога ќе имаме и специјалисти по педијатрија и среден медицински кадар, посочи, ќе го пуштиме во функција – изјави денеска директорката на Клиниката за детски болести, Катарина Ставриќ, по прес-конференцијата на Клиниката за детски болести, организирана во врска со предавањето на донацијата на оваа установа.
Таа додаде:
– Годинава од Детската клиника заминаа тројца специјалисти, меѓу кои една колешка од интензивна нега. Специјалисти ни се потребни, но проблем е што нема специјалисти по педијатрија. Има многу специјализанти и се надеваме дека за некоја година и тие ќе станат специјалисти. Сега имаше конкурс со кој вработивме двајца специјалисти и уште тројца специјализанти, така што ќе се засили кадарот – додаде Ставриќ.
Министерот за здравство, Венко Филипче, нагласи дека недостигаат многу работи во здравствениот систем, заради тоа што не можат сѐ веднаш да направат.
– Правиме сѐ што можеме да го зајакнеме системот. Сериозниот недостиг на кадар заради политиките кои биле спроведувани сите години резултира со тоа сега да имаме сериозен дефицит. Веќе почнавме да го надополнуваме бројот на вработени. Имаме проблем со бројот на специјализации заради недостиг на ментори. Насекаде низ Македонија вработени се огромен број доктори и медицински сестри и нивниот број од почетокот на годинава, досега, е околу 2.300. Распишавме 250 специјализации, најкритично беше со специјалностите по педијатрија и анестезиологија поради недостиг на ментори – изјави министерот Филипче.
Тој додаде:
– Меѓутоа, би рекол дека направивме еден сериозен чекор напред заради тоа што примивме сериозно голем број луѓе. Никогаш во здравствениот систем генерално на сите нивоа не се примени толу луѓе. Најмногу доктори и медицински сестри, а нешто помалку администрација. Има надополнување на опремата, рече Филипче, одговарајќи на новинарско прашање Нагласи дека почнале таму каде било најкритично и каде биле најлоши резултатите, а тоа била Клиниката за гинекологија и на интензивната нега на Детската клиника… – нагласи министерот Филипче, потенцирајќи дека со таа динамика продолжуваат и во 2019 година.
– Ја зајакнуваме инфраструктурата. Нема да може да ги решиме проблемите преку ноќ и свесни сме за тоа, меѓутоа јас сум убеден дека сме на вистинскиот пат. Обезбедуваме услови, инфраструктура, опрема и експертиза во рамки на тоа што овој систем сега го овозможува – рече Филипче.