Обвинение против кавадарчанецот кој летово киднапираше и прободе жена

Во еден момент, обвинетиот извадил нож и со него ја прободел оштетената во стомакот од десната страна под градниот кош, нанесувајќи и со тоа тешка телесна повреда со конкретна опасност по животот. Потоа си заминал оставајќи ја оштетената сама.

42

Велешкото обвинителво поднесе обвинителен акт против 37-годишен маж од Кавадарци за обид за убиство и противправно лишување од слобода.

Тој се наоѓа во притвор, а обвинителот предлага таму и да остане бидејќи тој бил пријател на жртвата, ја искористил нејзината доверба и пријателство и постои страв дека може да го повтори делото. Друга причина за барањето тој да остане зад решетки обвинителот гледа и во тоа што тој по извршувањето на делото се криел во повеќе градови низ Македонија, па постои опасност од бегство.

Станува збор за случај кој беше регистриран во јуни годинава. Според обвинението, кавадарчанецот по телефон ја повикал неговата пријателка да му се придружи на патување во Прилеп. Таа прифатила и обвинетиот ангажирал такси-возило, но со него наместо кон Прилеп се упатиле во правец на с. Бегниште.

„Кога дошле до крајот на селото, тој и рекол на оштетената да излезат од возилото и продолжиле да се движат пеш по блиските ниви. Во еден момент, обвинетиот извадил нож и со него ја прободел оштетената во стомакот од десната страна под градниот кош, нанесувајќи и со тоа тешка телесна повреда со конкретна опасност по животот. Потоа си заминал оставајќи ја оштетената сама. По неколку часа се вратил и со помош на лице – сведок во постапката ја однел во неговата куќа и таму ја оставил, иако оштетената имала болки и крварења и го молела да ја однесе на лекар. Со ваквите дејствија тој противправно и ја ограничил слободата на движење“, пишува во обвинението.

Наредниот ден обвинетиот повторно се вратил и по инсистирањето и молбата од оштетената со такси ја однел до село Сопот, во близина на куќата на нејзините баба и дедо, ја исфрлил од такси возилото во бесвесна состојба и таму ја оставил.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...