Неретко може да се начекаат огласи по социјалните мрежи од луѓе кои тврдат дека имаат болни или повредени кучиња и бараат донации. За жал, има и такви кои лажат. Измамниците тврдат дека кучето им е болно од лишманија или шуга и молат за финансиска поддршка од љубителите на животни. Потоа, кога ќе се јави некој друг со фотографии од истото болно куче неизлечено, измамниците исчезнуваат и не одговараат на пораките.
Плусинфо го контактираше активистот за правата и заштита на животните, Виктор Мазнев од Велес, за да посочи како да се заштитат од измама оние кои сакаат да донираат.
– Доколку некој сака да донира пари за да помогне за лекување на некое животно, најдобро е тоа да го направи директно на ветеринар. Ако станува збор за храна, можете да ја купите и да му ја однесете на лицето за чие куче е потребна. Злоупотреби на животни има, а не се исклучуваат и тие во кои се бараат пари за наводно лекување – рече Мазнев.
Откако кучето ќе се излекува, најдобро е да му се најде дом некаде во Македонија. Но ако тоа не се случи, постојат опции во странство. Мазнев апелира добро да се провери каде се праќа миленичето, бидејќи не е исклучена можноста тоа да заврши на лошо место. Има кучиња кои во странство завршуваат во бордели, каде луѓе плаќаат за да имаат секс со нив, а не е мал бројот и на тие кои се тренираат за борби или за разни небезбедни научни истражувања.
– Неопходно е добро да се провери каде го праќате кучето. Најдобро е да се испрати во здружение со кое ваши познаници веќе имале искуство. Во некои земји за да чувате куче се гледаат и вашите финансии, во случај тоа да се разболи дали би имале пари да платите ветеринарен лекар – прецизен е тој.
Мазнев додава дека кучето мора да е излекувано за да го пратите во странство, а измами се вршат и на ова поле.
– Да, сум слушнал дека се праќаат и болни кучиња во други земји, само за да се ослободат од нив. За поединци поважни се парите од кучешкиот живот. Човек мора да биде внимателен и уверен дека неговите пари навистина ќе отидат за медицински потреби на миленичињата, а не во нечиј џеб – заврши Мазнев.
Колку луѓето се информираат за тоа дали е вистинска трогателната приказна која ја читаат на интернет, толку подобро. Несовесни граѓани ги набројуваат сите кучешки болести со кои се запознаени, само да извлечат некој денар од љубителите на животните.