Ми „тежи“ овој текст долго време. Стокмен ми е тој во мислите. Како некаква пролегомена за искрен разговор со себе и многу поретко, со малубројните пријатели. Се думав дали да го споделам со вас, почитувани читатели. Поточно, кога веќе почнав исповеднички, да довршам така – се плашам од него.
Се разбира, не страхувам од пропагандистите на власта, што ќе ме обвинат за „предавство на каузата“, од тие што ќе ломотат дека ги бранам Мијалков, Камчев, пучистите од 27 април и кој знае уште кого и што ќе се обидат да ве убедат дека сум се „уортачил“ со „бандата“. Не, тоа не е ме плаши. Јас сум хроничен „предавник“ во очите на сите кои својот однос кон политиката и кон општественоста воопшто го разбираат само како напад или одбрана, во секој случај како нужен конфликт. Што заслужувам јас друго освен атака од неграмотните?
Ме плаши, или да бидам попрецизен, ме загрижува тоа што немам дефинитивен одговор на прашањето дали денес во Македонија постојат барем стотина луѓе способни и желни да ги скинат прангиите на поделбите и конфликтите, состојби кои ни наметнуваат еден неверојатно тесен фокус на политичката дебата, една црно-бела слика во која одвај да има место и за по некоја сива нијасна, еден плиток кастинг што на сите ни поделил улоги на „правоверни“, „предавници“, „сеирџии“ и толку. Не знам дали во такви околности воопшто има простор за некакво нијансирано мислење.
Имало или немало, тоа е… После долго и мачно думање, сфатив дека јас не сум јас кога се самоцензурирам, кога мојот друм премногу долго чека кај ќе фати мојот ум. А и не ми личи да си ги преценувам и двете нешта – и друмот и умот. Затоа, да одиме во срцето на темата.
Пресудена работа?
Не ми се допаѓа, драги мои, начинот на кој оваа власт (правосудството е власт) ни ја носи правдата. Ни ја носи како res judicata – пресудена работа. Во правото, овој концепт, во кратки црти, значи дека за работа за која веќе е пресудено, не може повторно да се суди. Во нашиов случај, процесите во кои им се суди на „главните фаци“ од режимот на Груевски се процесуираат како дела за кои нашите слаби души што не можат да поднесат неправда веќе пресудиле дека заслужуваат одмазда, па според тоа судот има обврска само на одмаздата да ѝ најде правна рамка. Кое е нашето оправдување за тој пристап? Велиме, предолго бевме жртви на неподнослива неправда, нашите души имаат право на ваква слабост (Рошфуко).
Во ред, тоа го разбирам некако, но што правиме со малцинството, во кое спаѓам и јас, имено жртва на неправдите на поранешниот режим, коешто бара правдата да се донесе поинаку? Имаме закони и процедури. Или немаме? Освен црнила, имаме дури и судска пракса што упатува на еден поинаков пристап. Имаме и обврска да направиме разлика, бидејќи си ветивме така. Или не? Ние бевме тие што баравме правда што ќе донесе мир, нели, а не правда што ќе донесе одмазда, немир, нови поделби, нови конфликти и на крајот на краиштата, нови неправди. Смееме ли на сите овие процеси да гледаме како на веќе пресудена работа? Каква е таа „правда“ ако безмалку сѐ е веќе „вонсудски“ пресудено – кој ќе лежи, кој ќе чучи куќи, кому ќе му биде простено?
Се сеќавам како ги доживував (не)правдата и одмаздата кога режимот на Груевски реши да го уништи семејството Рамковски. Во она време кога и самиот го чувствував јаремот на неправдата, на омразата и на одмаздата што ги предизвикував само затоа што сакав слободно да мислам, да говорам и да пишувам – значи, кога многу порано од многу други сфатив дека живееме во диктатура – јас не успевав да разберам како е можно дури и еден таков лудак како Груевски да одлучи да уништи цело едно семејство, целиот негов имот и најважното, неговиот општествен придонес, а тоа беа слободарските медиуми на Велија Рамковски. Можев некако да сфатам власта да се потруди од Рамковски да наплати неплатен данок, или да го казни затоа што се осмелил да ѝ должи на државата, но намерата да се уништи должникот и така да се отстрани секаква можност тој да ја надомести штетата, е тоа ми се чинеше премногу идиотски дури и за Груевски.
А токму тоа се случи. Наместо за легитимна и валидна судска постапка за кривично дело што можеби можело да му се обеси на вратот на Велија, режимот се определи за тотална судска монтажа, за кршење на сите процедури и особено на правото на одбрана и конечно, за егзекуција на дузина луѓе, со удар врз честа и достоинството, со атак врз здравјето и со одземање не само на имотот, туку и на секаква друга можност утре осудените да придонесуваат во општеството и можеби да се оддолжат за повредите на законот и за штетите што ги предизвикале, откако и ако нивната вина и штетите претходно се докажат во квалитетна и неспорна судска постапка.
Зошто мора да ги уништиме?
Ништо од сето тоа не се случи тогаш. А ако направам споредба со судските процеси со кои сега новата власт се обидува да ни донесе правда и да ги казни луѓето од соборениот режим осомничени за кривични дела, би се осмелил да кажам дека малку од посакуваното и ветеното (вистинска правда) се случува и денес. Да, ние несомнено сме среде една одмаздничка катарза што ни ги разгалува нашите слаби души, но сето тоа сѐ уште е многу далеку од она што би можело да се нарече вистинска правда.
Пред некој ден напишав дека очекував – и сѐ уште очекувам! – сите институции инволвирани во најчувствителните судски процеси, посебно тие за обвиненијата на Специјалното јавно обвинителство, да го покажат новиот лик на македонското правосудство. Очекувам брзи и квалитетни истраги, силни и валидни докази, професионално и непристрасно судење, бескомпромисно почитување на правото на одбрана и на другите елементарни човекови права на секој обвинет. Си правам бајрам со умот?
Дури и да сме стопроцентно убедени во финалниот исход на овие процеси, дури и да веруваме дека тие ќе завршат со пресуди буквално еквивалентни на тешките обвиненија, ние мораме да сфатиме дека целта на пресудите и на казните што ќе се изречат и спроведат, во едно демократско, либерално и пермисивно општество, не смее да биде луѓето да се уништат (да им се одземат достоинството, здравјето и чесно стекнатиот имот), туку да се постигнат само легитимните цели на казнувањето. При тоа, на тие луѓе бездруго мора да им се овозможи да се рехабилитираат и да се оддолжат за повредите на законот и за штетите што ги предизвикале, откако и ако – повторувам уште еднаш, откако и ако, не пред тоа! – таа состојба се докаже во валидна судска постапка.
Па дури и во моментите на најголема слабост на мојата и на вашите напатени души, почитувани читатели, кога со голем напор би можел да ја замислам нашата нечовечна потреба да уништиме нечии животи (и физички да ги згазиме, како мравки), јас навистина не можам да сфатам зошто мора да бидат уништени и семејствата на тие луѓе, зошто мора да страдаат нивните компании и илјадници луѓе кои работат во нив или во други компании кои соработуваат со нив, зошто мора целата македонска економија да трпи штети и во крајна линија, зошто сите ние мораме да го платиме цехот на одмаздата?
Та нели кога баравме правда и мир, рековме дека треба да се вратат и украдените пари? Нели требаше бројчаникот на Заев на Триумфалната капија веќе триумфално да ги брои вратените пари? А што да брои тој пуст бројчаник, ако нашата ултимативна цел е луѓето од соборениот режим „да видат“ како е да си во Шутка, како е да си во ќелијата на овој или на оној борец за правдини, како е да се избира меѓу престижна измочана веце-шолја и посран чучавец во ќелија од втора категорија, додека оној по кога викаа дека Шутка не му бега, кидна во сомнителни околности и сега си ги шета глупавите јакни низ Будимпешта, плаќа автомобил и возач и сѐ што може да си дозволи една вип-битанга што ги остава своите луѓе на цедило?
Гладијаторска арена
Чекајте, ве молам, тоа ли треба да биде казната за Мијалков, или за Камчев, или за кого било?!
Неопходно ли е цела Пелагонија, на пример, да падне на колена, пет илјади молзни крави не дај боже да пцовисаат, банките да се тресат и да се случат уште мал милион други штети, само за да го видиме Орцета брадосан, упропастен, згазен, понижен? Нема ли друг начин да се спроведе правдата, без слонот на нашата одмазда да го докрши овој наш веќе опасно начнат македонски стакларник? Та не беше ли мудриот Глигоров тој што нѐ учеше дека за една шницла вол не се коле?
Чекајте, чекајте, ве молам! Од мене ли, од човек што беше следен од тајната полиција во времето на Груевски (официјално докажани дузина разговори, чии транскрипти ги добив од СДСМ заедно со повеќе мои колеги, неофицијално 2.400 такви снимени разговори), од мене ли се бара „дозвола“ нејзиниот шеф Сашо Мијалков, или било кој друг да биде уништен „вонсудски“? Од мене немате дозвола да уништите никого! Јас не давам таква дозвола, зашто знам дека во нашиот македонски перпетуум оваа ситуација утре пак ќе ни се повтори и можеби Заев или некој друг или трет ќе биде таргет на нашата правосудна инквизиција. Како ќе го одбраниме Заев тогаш? Како што го одбрани Бранко Црвенковски кога му гореше под нозе? Со аболиција? За цел живот непрокопсаници да го викаат „аболицираниот криминалец“?
Чекајте, аман, морам уште нешто да прашам! Та зарем навистина верувате дека само Груевски беше ербап да избега од Македонија? И дека сите други останаа тука верувајќи дека слободата ќе си ја купуваат со милион, два или четиринаесет милиони евра дадени за „откуп“ или „гаранција“? Нема ли шанса да помислиме дека некој од „бандата“ (јас ги викав банда без наводници, ама кога беа на власт и во зенитот на моќта, а сега некако не ми личи) можеби си рекол дека сепак не вреди човек да шета во Будимпешта со побелени зулуфи, да се дружи со шофери и шпиони од кој знае какви банди и дека сепак е подобро да знаеш дека некое време ќе бидеш на чучавец и нема да ти дозволат да си купиш малку слобода, одошто да бидеш во некој апартман и да не знаеш колкава ќе биде следната фактура што ќе ти ја донесе шоферот, ако твојот „азил“ воопшто и заврши само на тоа?
Не знам…
Едноставно, јас вака не ја замислував правдата што требаше да дојде, како прворотка на животот. Нека не се навредат дамите, ми недостасуваат епитети, па просто ќе речам дека правдата ја замислував некако помашки. Ја замислував како вистинска правда, како совест, што би рекол Виктор Иго. Како миса на која талентиран свештеник зборува за триумфот на совеста, а не како шоу во кое обвинителката го прашува најважниот обвинет зошто е толку расположен, а тој си свирка на патлакот оти има уплатено аранжман во ЕУ. Ја замислував како опера во која студената и безмилосна принцеза Турандот ги егзекутира по неа залудените принцеви, во една трагична ама цврсто уредена процедура, а не како гладијаторска арена во која ѕверови касапат робови, а публиката урла и бара уште.
Запирам тука. Поентите ги кажав. Во основа, ништо битно не зависи од овој текст, што толку многу го криев и од себе. Сѐ зависи од луѓето кои го имаат мечот в раце и кои веројатно се свесни дека човек со меч треба секогаш многу внимателно да ракува. Од причини кои, се надевам, се општо познати.