Да, се согласувам, погрешна беше изјавата на премиерот Зоран Заев дека формирањето на војската на Косово било „избрзано“. Но, инсистирањето на Билал Касами од БЕСА премиерот да се дистанцира од оваа „скандалозна изјава“ и да се извини, сепак е претерано и дури и малициозно. Евтин политички маркетинг е и тврдењето на Алијансата на Албанците на Зијадин Села дека оваа изјава го покажала „црното и националистичко лице на Заев“.
Дајте, ве молам, бидете малку сериозни…
Зоран Заев е свесен дека формирањето на војската на Косово ја има силната поддршка од САД. Тој не смее ни да помисли да се постави спротивно на политиката на нашиот клучен меѓународен партнер. И секако, како што вели Бујар Османи од ДУИ, со тоа што Македонија го признала Косово како држава, ги признала и сите атрибути на неговата државност. Оттаму, јасно е дека ставот на македонската влада и на Заев не може да биде поинаков од тој на САД и на НАТО.
Јас сум убеден дека ако го прашате Заев што мислел изговарајќи го зборот „избрзано“, ќе добиете еден прилично нејасен одговор, ако воопшто и добиете било каков. Имено, од авион се гледа дека премиерот нешто „избрзал“, кој знае зошто. Тоа сѐ уште не значи дека е коректно Заев да се нарече националист и антиалбанец. Не, овој мал гаф, едноставно, покажува дека премиерот околу себе нема тим доволно вешт да му помогне да се снајде кога ќе добие „незгодни“ прашања. Или, што е помалку веројатно, дека има таков тим, но тој не го слуша.
Веќе подолго време и јас и многу други луѓе упорно го критикуваат Заев за ова и го советуваат да си пронајде подобри, поинформирани и пописмени советници. Дури и да е генијалец (а тој е далеку од тоа), премиерот не може сѐ да следи и сѐ да знае, па соодветно на тоа да ги одмерува и своите изјави. Затоа треба да постојат советници, што ќе му помогнат погрешните изјави и гафовите да ги сведе на минимум. Дотолку повеќе што Македонија е во фаза на консолидација на односите со сите нејзини соседи и ова е време кога секоја изјава на премиерот и на министрите се мери и се премерува „со шублер“.
Во случајов, на пример, ако Заев баш и морал нешто да каже за косовската војска, а поради некои причини не сакал ентузијастички и еуфорично да го поддржи нејзиното создавање, имал на располагање серија од познати флоскули со кои елегантно можел да избегне да се изјасни. На пример, можел да каже дека Македонија го поддржува равзојот на Косово и сите активности кои водат во таа насока и особено во насока на обезбедување на мирот во регионот. И – толку.
За жал, имам чувство дека Заев одбива да ги прифати ваквите добронамерни критики и дека не гледа потреба од промени какви што му се сугерираат. Но, тоа веќе е негов избор. Ако не сака да си го засили тимот, премиерот ќе мора да се навикне на овие непријатни притисоци постојано за нешто да се извинува и да изразува жалење. До него е. Голем е, си знае…