Првиот колектив на сексуални работници СТАР-СТАР, во рамките на кампањата за одбележување на 17-ти декември Меѓународен ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници, денеска организира традиционален Марш на црвениот чадор кој ќе се одржи во 12 часот, пред платото на спомен куќата на Мајка Тереза.
СТАР-СТАР и сексуалните работници се приклучуваат кон глобалната акција за солидарност кон сексуалните работници со цел да се намали насилството и дискриминацијата со кои секојдневно се соочува оваа маргинализирана група.
– Со пораката „Декриминализација сега!“ ги охрабруваме институциите и стручната јавност да го отворат прашањето за регулација на сексуалната работа. Ние и сексуалните работници сметаме дека декриминализацијата на сексуалната работа претставува најдобра политика за унапредување на здравјето, благосостојбата и човековите права на сексуалните работници. Овие заложби се засноваат врз потребите на сексуалните работници за заштита на нивните права, за создавање на безбедни услови за живот и работа, како и превенција од насилство и експлоатација – велат организаторите.