Македонската Влада води грижа за своите граѓани, независно каде тие се наоѓаат и затоа сме денеска тука за да помогнеме колку што може да се ублажи несреќата – порача во изјава за МИА генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, кој вечерва пристигна во Лесковац, каде во локалната болница се сместени дел од повредените.
Рашковски нагласи дека на пат е и министерот за здравство, Венко Филипче, како што рече, дополнително со својата професионалност ќе придонесе да може овој случај што е можно побезболно да се затвори. Филипче денеска се враќал од друг службен пат, поради што, до предмалку, сѐ уште не пристигнал во Лесковац.
Три лица загинаа, маж и две жени, а 31 се повредени во сообраќајната несреќа, што се случи изутрината во 1:45 часот на автопатот кај Лесковац. Тешката сообраќајна несреќа се случи кога автобус со македонски регистарски таблички од струшката фирма Еуро Бус, кој патувал од Битола за Виена, излетал од патот пробивајќи ја заштитната ограда и се превртел кај клучката Печењевце во близина на Лесковац.
-За жал имаме три жртви и максимално водиме грижа бројката да не се зголеми, односно локалните власти излегоа во пресрет на целата оваа несреќа, бидејќи им помогнаа како на повредените, така и на ние кои минаа со помали повреди. Повредените се соодветно сместени во добри услови и им се пружа соодветна помош, а за оние кои поминаа со помали повреди веќе се обезбедува нивно враќање во Република Македонија, рече Рашковски.
Некои од нив пројавиле желба да го продолжат патот кон Виена.
Автобусот со македонски патници тргнал од Македонија синоќа околу 20 часот и во него имало патници од повеќе места во Македонија, а еден од повредените изјави за медиумите дека не се сеќава на несреќата, бидејќи сите спиеле во тој момент.
Во несреќата, еден маж и две жени – македонски државјани загинаа на лице место. Како што не информираа мажот е од крушевското село Бучим, а една од жените е од Кочани. Сите лица се идентификувани, а четворица по укажаната помош самоиницијативно се имаат вратено за Македонија.
Во болницата во Лесковац изутрината медицинските екипи од Лесковац и од Ниш префрлија 28 луѓе, додека четири во болницата во Ниш.
Според началникот на Хирургија во Лесковац Небојша Димитријевиќ, во моментов осум пациенти се згрижени во лесковачката болница, двајца со тешки повреди на главата и на ’рбетниот столб се во болницата во Ниш, а 12 лица, од кои две деца по укажаната помош се сместени во хотелот Апостоловиќ и чекаат со обезбеден превоз да се вратат за Македонија.
Увидот на терен го изврши нишката и лесковачката полиција, но уште не е соопштено како дошло до несреќата.
Возачот и совозачот не се повредени, но кажано им е дека неможат да даваат изјави за медиумите.
Во Лесковац вчера врнеше дожд, а од полноќ непрекинато врне снег, па се претпоставува дека лизгавиот коловоз е можна причина за несреќата.