Како што соопштија од српската полиција, несреќата се случила кога автобус со македонски регистарски таблички од струшката фирма Еуро Бус, кој патувал на линијата од Струга за Виена, излетал од патот пробивајќи ја заштитната ограда и се превртел кај клучката Печењевци во близина на Лесковац.
Автобусот со македонски патници тргнал од Македонија синоќа околу 20 часот и во него имало патници од повеќе места во Македонија, а еден од повредените изјави за медиумите дека не се сеќава на несреќата, бидејќи сите спиеле во тој момент.
Еден маж и две жени – македонски државјани загинаа на лице место во несреќата.
Како што веќе објавивме, мажот е од крушевското село Бучим, а една од жените е од Кочани.
Сите лица се идентификувани.
Четворица по укажаната помош самоиницијативно се вратиле во Македонија.
Во болницата во Лесковац изутрината медицинските екипи од Лесковац и од Ниш префрлија 28 луѓе, додека четири во болницата во Ниш.
Според началникот на Хирургија во Лесковац, Небојша Димитријевиќ, во моментов осум пациенти се згрижени во лесковачката болница, двајца со тешки повреди на главата и на ’рбетниот столб се во болницата во Ниш, а 12 лица, од кои две деца по укажаната помош се сместени во хотелот Апостоловиќ и чекаат со обезбеден превоз да се вратат за Македонија.
Увидот на терен го изврши нишката и лесковачката полиција, но уште не е соопштено како дошло до несреќата.
Возачот и совозачот не се повредени, но кажано им е дека неможат да даваат изјави за медиумите.
Во Лесковац вчера врнеше дожд, а од полноќ непрекинато врне снег, па се претпоставува дека лизгавиот коловоз е можна причина за несреќата.
Преставници од македонската амбасада во Белград се наоѓаат во Лесковац, каде од градоначалник на Лесковац д-р Горан Цветановиќ е пружена сета помош и организација на македонските патници.
Во Лесковац денеска пристигна и македонска делегација предводена од генералниот секретар на Владата Драги Рашковски и министерот Филипче.