Мицкоски во Велес: Ќе видите што ќе ви се случи на вас за тоа што и го направивте и на ВМРО-ДПМНЕ и на Македонија

777

Денеска тргуваат и со правото и со правдината само за една цел да го исполнат она кое го зацртале, а тоа е како да ја дораспарчат Македонија, како да ја обезличат како да го доопустошат и она малку што преостанало. Зарем тоа е таа правда и правдина која што ја барате, порача од денешниот протест од Велес лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Партискиот претседател рече дека не прифаќа помирување и амнестија и нагласи дека „недолжни патриоти се држат во затвор„ затоа што сакале да си ја одбранат државата“. На членовите на ВМРО ДПМНЕ, кои сега соработувале со СДСМ, Мицкоски  им порача дека ќе ги испрател во темната страна на историјата.

– Какво е тоа помирување кога на дневна основа вршите притисок врз граѓаните на Република Македонија и врз ВМРО-ДПМНЕ. Какво е тоа помирување кога имаме политички прогон на секој чекор. Еве денеска дознав овдека во Велес, еден куп наши со граѓани Велешани биле повикани на информативен разговор во полициска станица. За какво помирување зборуваме? запраша Мицкоски, кој го обвини Заев дека, по негова наредба, се „собирале луѓе на информативен разговор“.

Мицкоски од Велес со порака и до своите поранешни сопартијци, кои сега заедно со СДСМ го подготвувале Законот за амнестија.

– Да им порачам на нив и на вас од СДСМ нека ви е аирлија новата коалиција со тие луѓе. Нема да се нафајдите и нема да се изнарадувате многу. Ќе видите што ќе ви се случи на вас. Знам дека седат некаде во некоја канцеларија и подготвувате сценарија и закони со кои што дополнително ќе го нарушат достоинството на тие маченици. Но нема да им помине. Нема да им помине затоа што ќе дојде денот кога и вие заедно со нив ќе бидете разголени и разобличени пред судот на овој народ и ќе ве пратиме во темната страна на историјата. Од прв до последен. Поразени и презирани од родот свој од својот народ за тоа што и го направивте и на ВМРО-ДПМНЕ, но и на Македонија што најмногу боли – рече Мицкоски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...