Лизгајте на мраз и на скопскиот плоштад

1153
memeti sloboden pecat

Аксл, луц и други акробации скопјани ќе можат да се обидат да прават на лизгалиштето  „ЕУ за тебе“ кое денеска беше отворено на градскиот плоштад „Македонија“ во новогодишната населба „Винтерленд“.

На отворањето присуствуваа скопскиот градоначалник Петре Шилегов и евроамбасадорот Самуел Жбогар. Годинава првпат Делегацијата на Европската унија учествува во новогодишната програма на Град Скопје.

Градоначалникот Шилегов истакна дека лизгалиштето и „Винтерленд“ се многу  посетени од скопјани. Најави дека соработката меѓу Град Скопје и Делегацијата на ЕУ ќе продолжи за доброто на граѓаните.

Евроамбасадорот Жбогар кажа дека во ЕУ одлучиле оваа година да му се придружат на Град Скопје со цел, како што рече, да додадеме повеќе магија на прославата за новогодишните празници.

– Ние како ЕУ на целата прослава што се организира од Град Скопје му ја додаваме магијата со ова лизгалиште. Одлучивме ова да биде подарок за сите деца, но и за луѓето кои се деца во нивните души да можат да се забавуваат малку во последните денови од оваа година – рече Жбогар честитајќи им ги претстојните празници на граѓаните.

Arbnora Memeti Sloboden pecat

На новинарско прашање за законот за амнестија, Жбогар рече дека овој закон сѐ уште не е официјален и не може  да даде свое размислување во врска со него. Додаде дека претстојат новогодишни празници и порача  да се оставиме политиката надвор од денешниот настан.

Лизгалиштето ќе работи во две смени, прва од 10 до 15.45 часот, а втора од 17:30 до 21.15 часот. Лизгалиштето ќе биде отворено секој ден до 7. јануари. Лизгањето ќе биде бесплатно и ќе се одвива 30 минути.

ФОТО: (Арбнора Мемети, Слободен печат)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...