Трпението на Манчестер Јунајтед и Жозе Мурињо кон Пол Погба веќе е истрошено и од „Олд Трафорд“ се подготвени да се разделат со Французинот уште во јануари – тврди „Мирор“.
Причината за ова е дека шефовите на клубот конечно се убедиле во фактот дека Погба има негативно влијание врз атмосферата во соблекувалната. Одлуката на раководството е категорична и не зависи на било кој начин од тоа дали Жозе Мурињо ќе продолжи да биде менаџер на тимот.
Јунајтед е подготвен да разгледува понуди за Погба. Можно е Французинот да биде изнајмен со опција за купување во текот на летото. Клубот кој веќе покажа интерес е Јувентус, каде што халфот играше пред да се врати на „Олд Трафорд“. При преговорите со „бјанконерите“, Манчестер Јунајтед ќе се обидат да договорат размена за други играчи, продолжува англиското издание. Алекс Сандро и Миралем Пјаниќ се играчите, за кои Мурињо е заинтересиран.
Други потенцијални кандидати за Погба се Пари Сен Жермен, Барселона и Реал Мадрид. Дваесет и пет-годишниот Французин има 20 натпревари и пет гола за Манчестер Јунајтед оваа сезона.