По тешката сообраќајна несреќа што се случи ноќеска околу 1.40 часот, кога на влезот во Лесковац се преврте македонски автобус при што на лице место загинаа маж и две жени, денеска околу пладне се огласи Министерството за надворешни работи на РМ.
– Во врска со автобуската несреќа во Србија, засега официјално од српските власти ја имаме добиено само информацијата во врска со превозникот, а тоа е дека станува збор за автобуски превозник од Струга, со регистарски таблици Euroturs SU 3325 AC. Се чека на дополнителни информации, потврда за број на загинати и повредени и други информации поврзани со несреќата. Веднаш штом ќе добиеме потврда од српските власти, ќе информираме. Министерот за здравство Венко Филипче, Генералниот секретар на Влада Драги Рашковски и претставник на амбасадата на Република Македонија во Белград се упатени кон местото на несреќата – соопштија од македонското МНР.
Тројца од патниците со тешки повреди се на интензивна нега во одделот Хирургија болницата во Лесковац додека еден е на Ортопедија. Останатите 23 патници се со полесни повреди.
Сѐ уште нема официјални информации за причината за несреќата.