Претежно облачно време со повремени врнежи кои, поради спуштање на студен воздух од север, речиси насекаде ќе преминуваат во снег, освен на југоистокот – најавуваат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Врнежи повеќе ќе има во претпладневните часови во централните и источните делови од земјава, а попладне постепено ќе се преместуваат кон исток и ќе престануваат. Ќе дува умерен, вдолж Повардарието засилен ветер од северозападен правец, што во текот на денот ќе предизвика пад на температурата за неколку степени.
Дневната температура ќе биде од -2 до 4 степени. Во Скопје претежно облачно со умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец. Температурата ќе достигне до 1 степен.
До вторник ќе преовладува облачно време со повремени врнежи претежно од снег со променлив интензитет. Утре повеќе врнежи ќе има во западните, а во вторник во јужните делови. В среда и четврток се очекува стабилно и суво време.
Висината на снежната покривка на Попова Шапка изнесува 19 сантиметри, а најмногу дожд до седум часот изутрина е регистриран во Охрид, Тетово, Претор, Пожаране, Крушево. Минималните темпартури изнесувале нула степени во Скопје-Зајчев Рид, Куманово, Маврово и Лазарополе, еден степен во Пожаране, два во Скопје Петровец, Тетово, Крива Паланка и Крушево, четири во Охрид, Претор, Штип, Берово и Дебар…