Членот на македонско – бугарската Комисија, Петар Тодоров, во синоќешната емисија „360 степени“, сподели идеја која веќе е предложена во македонскиот дел од Комисијата – за изградба на Меморијал за жртвите од Балканските војни и Првата светска војна.
– Меморијал кој ќе се обиде да ги обедини овие различни национални наративи, кои постојат во Грција, Албанија, Македонија, Црна Гора, на Балканот, да биде заеднички наратив кој ќе ги обединува овие национални наративи, кој ќе биде еден добар пример како да се надминуваат конфликтите – рече Петар Тодоров, член на македонско – бугарската комисија.
Оваа идеја ќе биде предложена и на бугарскиот дел од Комисијата. Епилогот од последната 3-та средба на Мултидисциплинарната комисија заврши со решение кое ќе биде предложено до двете влади – Св. Кирил и Методиј и Григор Прличев да се чествуваат заеднички, но работата запнала кај цар Самоил. Тоа е и причината зошто разменетите 30 страници забелешки и од двете страни не се разгледувани на последната средба.
– Дали тоа што бил Бугарин Иван Владислав на бугарската почва значи дека и денешните жители на Македонија, која во тоа време е во рамки на Самоилово царство, сите тие луѓе тука се Бугари? И дали терминот Бугарин значи во етничка и национална смисла во која ние денес сфаќаме што значи Бугарин или Македонец? Дали значењето на Македонец или Бугарин денес може 1000 години наназад да го рефлектираме, проектираме, тоа е едно те исто – рече Драги Ѓоргиев, претседател на македонско – бугарската комисија.