Иницијатива за рехабилитација на објектот на Владата. Текстот на писмото го пренесуваме во целост.
Познато е дека Владата на РМ со години имаше свој приоритетен архитектонски проект„Скопје 2014“ и сите буџетски пари ги истураше во него, останатите помали, од приватните инвеститори некако ја одржуваа во кондиција современата архитектонска идеја. Така, добивме агресивен кич и грдотија кој го игнорираме за да се заштитиме, а тој се уште ни ги труе генерациите што израснуваат и што е најстрашно тоа трае, трае… Кон состојбата одговорните се однесуваат лежерно и тромо, а само со еден потез актуелната Влада на РМ може да покаже култивираност, свесност, почит…макар, гест на добра волја како показ на доследност кон ветеното.
Предлагам Министерството за култура да достави предлог-одлука (или само предлог-заклучок) до Владата на РМ да се интервенира на само еден објект од проектот „Скопје 2014“ на секои 6 месеци (а со веќе подготвени фискални импликации и оперативен план). Како прв во редицата, сметам дека треба да е проект за рехабилитација на објектот на Владата на РМ – дело на проф. Петар Муличковски, архитектонски бренд на Скопје, една од најубавите архитектонски творби, пример на модерната, наградуван итн.
Консултирав претставници од фелата во архитектонски бироа, компании, организации и се искажа подготвеност за доброволна бесплатна техничка поддршка. Еден колега пишува: „Да, нешто ќе чини, но како држава може да си дозволиме барем еден објект од најголемата архитектонско-урбанистичка глупост во нашата современа историја, да го вратиме во својот оригинал. Во името на живите творци, но и илјадниците архитекти на постарите и поновите генерации, барам сонот да ми се оствари.“ Нека му се врати душата на објектот, да се реставрира како вреден примерок на културно градителско наледство, со нови материјали и технолошки новини. Едноставно, да си го добие стариот сјај, за да ни се врати вербата.