Понижувачката тишина на самозаборавот

И понатаму молчиме за нашето југословенско потекло и се идентификуваме пред светот со триесет метарската грдотија на Алехандро Магно на нашиот главен плоштад. Која брука, која срамота, кој чемер!

741
grcev

Да, си помина неодбележан и непразнуван 29 ноември, едиповскиот роденден на македонската република, а со него – во понижувачка тишина на самозаборавот – помина и 75-тиот роденден на втората Југославија, нашата социјалистичка мајка родителка. Да не потсетувам дека два дена подоцна помина и јубилејниот стоти роденден на нашата државотворна баба – првата Југославија, која беше прогласена во се уште жешката повоена пепел, над повеќето од милион свежи гробови, на 1 декември 1918 години во Белград.

Добро, првата Југославија беше во многу нешта проблематична творба, во која македонската еманципација можеше да се сонува само во илегалност, но не може да и се одрече дека таа ги собра јужните словени – што долга половина милениум претходно беа распарчани и маргинализирани во двете огромни царства – во една државна граница и, барем во првата деценија, за прв пат во историјата им донесе повеќепартиска демократија, уставна монархија и либерален капитализам од вилсоновски тип, не полоши во замислата отколку што тоа беа и во другите европски земји. И, иако македонштината беше забранета и прогонувана, а државата се претвори во одвратна корумпирана диктатура, првата Југославија е важна за нас не само затоа што ги дефинираше трите од нашите четири меѓународни граници, туку и затоа што за дваесетте и кусур години – колку што траеше – изврши сериозна европеизација на македонската земја под нејзина власт, стопанска, културна, урбанистичка и инфраструктурна европеизација што остана наша трајна детерминанта до ден-денес.

 

Пораѓањето на државата

 

Но, настрана со заслужено несаканата баба: зошто толку упорно молчиме за нашата мајка родителка, како да ни била маќеа за чиишто зла што ни ги сторила е најдобро – за нашето ментално здравје – да се однесуваме како воопшто и да не постоела? А, обратната вистината, која е толку очигледна и неспорна што го исполнува целиот светоглед, е дека не само што втората Југославија – социјалистичката творба на Тито и неговите партизани – ја породи македонската држава, туку и ја задои и порасна во најдобрите општествено политички, културни, социјални, економски и геополитички услови што светот ги искусил во целата своја богата историја!?

Антифашистичкото движење под водство на Тито и комунистичката партија на Југославија беа практично единствениот самосоздаден победник над фашистичката чума во Втората светска војна, и единствената независна земја победничка над фашизмот, покрај Советскиот сојуз, Велика Британија и Соединетите Аамерикански Држави. Целиот свет ни ја признаваше таа победа и ја почитуваше Југославија како еманципаторски светилник што ги инспирираше сите ослободителни и напредни револуции, движења и независни политики за целото време од нејзиното постоење. Социјалистичка Југославија најверодостојно им ги испорача на своите народи и граѓани сите три темелни вредности во кои – од француската револуција до ден денес – се колнат сите демократии на планетава: слободата, еднаквоста и братството!

Понатаму, социјалистичка Југославија им обезбеди на своите граѓани безмалку четири децении на напредок, развој, изградба на стопанството, инфраструктурата, образованието и културата, во услови на дотогаш буквално невидена социјална правда, динамика, слобода на движењето и индивидуална „потрага по среќата“. Југословенските експерименти со самоуправувањето, општествената сопственост на средствата за производство, децентрализацијата и дистрибуцијата на уживањето во придобивките од општите добра, сè до денешен ден најсериозните и најуспешните примери на социјалистичка граѓанска и работничка демократија што човештвото ги постигнало кога и да е.

Југословенскиот социјализам во кој се роди и израсна македонскиот културен и државен проект, беше просветителски и модернистички во вистинската смисла на зборот, што овозможи незабележан процут на сите области на културата, науката и уметностите. Ако ги споредиме делата и дострелите во  југословенската културна продукција со кој било период од историјата – да, и со трите децении на нашата независност – ќе видиме дека тоа било вистинското „златно доба“ и на македонската култура и на културата на сите држави и народи што произлегоа од распадот на југословенската држава. Не постои подобра дефиниција на социјалистичката Југославија отколку дека тоа беше единствената „реализирана утопија“ што светот ја породи.

 

Молк за потеклото

 

Не е потребна некоја сложена и длабока анализа на историските факти за да утврдиме дека Македонија никогаш не била помакедонска, а Македонците никогаш не биле посреќни, побезбедни, поздрави, пообразовани, поеднакви меѓусебе, погорди граѓани на светот, масовно со поголем стандард, попочитувани и посакани, отколку што тоа беа во Титова Југославија. Ние бевме и најголеми добитници од таа неверојатна космичка случајност: македонската држава е југословенска доцна рожба, галено сугаре што – за жал – кога се осамостои во своите зрели години почна да манифестира сериозна и понижувачка криза на идентитетот, но и тешка конфузија на основните морални вредности, криејќи го потеклото, молчејќи за вистинските родители, и не славејќи ги вредностите што не создадоа: антифашизмот, слободата, еднаквоста, братството, секуларноста, просветителството и модернизмот.

И, наместо да ги негуваме вредностите што ги испивме со мајчиното млеко, ние допуштивме во Македонија да се случи нивната тотална негација: со земјата цела деценија да владее една профашистичка, реакционерна, партиско-клеро-мафијашка структура чијашто прва – и најтемелно изведена! – задача беше да го кретенизира македонското население со историски ревизионизам, малоумно антиквизаторско преродбеништво и длабоко понижувачки самозаборав.

Така и понатаму молчиме за нашето југословенско потекло и се идентификуваме пред светот со триесет метарската грдотија на Алехандро Магно на нашиот главен плоштад. Која брука, која срамота, кој чемер! Па – ова веќе го напишав, но ќе повторам: доколку големината на споменикот произлегува од неговиот историски придонес за постоењето на Република Македонија, тогаш на Тито, неговите партизани и социјалистичка Југославија, би требале да им изградиме споменик висок 16 километри, од титаниум, иридиум, злато и платина, за да се гледа со голи очи од вселената!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...