Имавме десеттина пријави за бездомници, а кога со пик ап сега во вторникот отидовме да ги згрижиме мајката Ружа и синот Цветан, кои „живеат“ пред влез на зграда позади Собрание, таа ни кажа „Не, благодарам, мене тука ми е супер и на минус 15 степени!“. Иако неколку години претходно оваа постара жена и нејзиниот син најстудените месеци ги поминуваа во пунктот во Момин Поток, сега одбиваат да ги згрижиме, вели Драгана Лазаревска, координатор на пунктот за бездомници во Момин поток во Скопје.
Таа раскажува дека кога одат на терен на бездомниците повеќе им требаат работи на лице, како храна, капа, шал, ракавици, ќебиња… Најголемиот дел прифаќаат и сместување во некои од центрите, но Ружа и Цветан зимава се чини решиле да ја презимат на картонот пред влезот во Градски ѕид на улицата Даме Груев.
– Мајката цело време седи на картон потпрена на ѕидот, а синот проси пред хотелот „Бристол“. Тие порано доаѓаа кај нас и спиеја по 3 месеци во пунктот, а сега не знам која е причината што веќе цела година немаат дојдено во Момин поток. За време на последниот студен бран предминатата година спиеја неколку месеци кај нас. Синот, како што сега забележавме, дење оди со боси нозе и проси, иако има неколку чифта нови кондури што сме им ги дале, но претпоставувам дека е тоа само за да добие сожалување и повеќе пари. Но тие пари што синот ќе ги собере со просење, мајката ги коцка! Таа е психички многу падната, а не сакаат помош и одбиваат да бидат згрижени кај нас – тврди Лазаревска.
Граѓаните на Скопје, како што раскажува координаторката Лазаревска, алармираат и се јавуваат и на дежурните телефони а и на социјалните мрежи за да пријават бездомници.
– Некои на Фејсбук ни пишуваат дека еве Црвениот крст и центрите ништо не прават, а еве што нам ни се случува на терен – ни кажуваат „Не се грижи ти за мене“, а тоа и на колегите од Центарот им го изјавиле оваа мајка и синот. Тие веќе неколкупати одбиваат какво било сместување и во Чичино село, и тука во Момин поток не сакаат да дојдат, ниту во Црвен крст не сакаат згрижување – нагласува Лазаревска.
Доколку забележат лице бездомник граѓаните можат да пријават на следните телефонски броеви: Скопје: 071 733 171, 071 411 908, 071 261 778; Битола: 070 791 770; Струмица: 070 381 660; Струга: 070 317 612 / 046 781 733.
Министерството за труд и социјална политика започна активности за заштита и сместување на бездомните лица кои се наоѓаат во импровизирани живеалишта под Кале, а од кои голем број се деца. Во зимскиот период надворешната температура е ниска и има опасност по животот и здравјето на овие лица. За обезбедување засолниште покрај капацитетот на Центарот за лица бездомници Скопје, се користат и постоечките капацитети на установите за социјална заштита кои во моментов се неискористени.
Во ноември направено е мапирање на локацијата наречена под Кале каде се групирани најголем дел вакви семејства и истите се сместени во објекти на установа за социјална заштита. Во моментов таму се згрижени 85 лица, од кои 49 се деца.