Ова време и оваа фаза на уставни измени е добра и ретка можност за една таква рационална одлука. Првиот претседател на самостојна Македонија беше избран во парламентот. Потоа се мрмкаше дека таквиот избор е резултат на собраниска мајоризација. Се промени моделот и изборот на првата државна функција, а како претпоставка вистински да биде независна личност дистанцирана од својата политичка партија, им беше препуштен на граѓаните.
Но, искуството со непосредните избори покажа дека нашата, особено партиската политичка култура, не е доволно зрела и за тоа. Се виде дека партиското влијание врз претседателот на државата и неговата зависност од матичната или од партијата што го номинирала, е уште посилна и дека неговиот избор од страна на граѓаните нема ама баш никакво влијание врз неговата самостојност и независност.
Само првиот македонски претседател беше избран од пратениците во парламентот. Потоа ни се случија пет непосредни претседателски изборни циклуси. И ни се случи ниту еден мандат да не отслика независен претседател со доминантно натпартиски авторитет и интегритет и барем елементарно прифатен од сите партиски субјекти. Во петте изборни циклуси, се редеа Глигоров, Трајковски, Црвенковски и Иванов во два мандати.
Како први експоненти на државата и од меѓународен аспект, во своите два мандата Глигоров ги понесе осамостојувањето и неконфликтното раздружување од федерацијата и од тогашната армија, приемот во ООН, косовската бегалска криза. Трајковски внатрешниот вооружен меѓуетнички конфликт на ивица на целосна граѓанска војна. Црвенковски хармонизирањето на етничките анимозитети по конфликтот од 2001-та и првиот позначаен меѓународно подржан апликативен контакт со Европската Унија. Иванов пак, од еден ваков елементарен аспект, во својот десетогодишен мандат практично без ниту еден белег на меѓународен план, а како некаков репер за разграничување на мандатските етапи во посовремениот историјат на македонската држава.
На внатрешно политички план пак, заедничко за сите четворица, за цело време на нивните мандати и во континуитет е што ниту еден од нив, речиси ниту ден, не беше оставен на раат од жестоките партиски пропагандни машинерии. Сите без исклучок катадневно беа мета на жестоки непринципиелни атаци од страна на ним спротивставените политички партии. Глигоров од ВМРО-ДПМНЕ, Трајковски од СДСМ, Црвенковски од ВМРО-ДПМНЕ, Иванов од СДСМ. Притоа, во одреден период од своите мандати сите четворица беа соочени и со кохабитациски околности. Со непризнавања на нивните легитимитети и со отпори спрема нивните иницијативи. Кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ не му цветаа розите на Глигоров, на Трајковски од СДСМ, на Црвенковски од ВМРО-ДПМНЕ, на Иванов од СДСМ и додатно и од ДУИ.
Кога би се оценувала самостојноста при извршувањето на функцијата, дистанцираноста од матичната партија која инвестирала во нивното претседателско востоличување и кога би се направило некакво елементарно рангирање за индивидуалноста и за одважноста при донесувањето на државничките одлуки, се чини најавторитетен беше Киро Глигоров, најсамостоен Бранко Црвенковски, најхрабар Борис Трајковски. При едно вакво, нека е лаичко компарирање, секако во предвид треба да се имаат општествените, политичките, социјалните и особено безбедносните околности во времето на нивните претседателски функции. И секако, континуираните стигматизирања од страна на нивните партиски противници.
Да не прозвучи премногу субјективно, но десетгодишното владеење на Георге Иванов не би можело да се поврзе ниту со еден од погоре позитивно дефинираните атрибути за неговите претходници. Актуелниот претседател на Република Македонија, еве десетта година, никогаш досега не постапил според своето јас. Неговите два мандати му минаа во послушно извршување на штапски ставови и одлуки диригирани од раководството на неговата партија ментор. За цело време од неговиот мандат, на очиглед на целата домашна и меѓународна јавност, без поговор спроведува партиски директиви. Без чувство за највисоките приоритети на државата кави што се решенијата за спорот со Грција, уставните промени, интеграциите или како претходно со договорот со Бугарија и со законот за употреба на јазиците. Згора, неговиот мандат, евидентирано е тоа во сите извештаи на Европската комисија, на Стејт департментот и на други влијателни меѓународни организации, ќе биде запаметен како деструктивен, разградувачки и спротивен на напредокот на државата на чие чело е. Неговата партиска послушност докрај ја руинираше врвната функција – Претседател на Република Македонија.
Па, излегува, да се биде продуктивен и почитуван претседател на држава, конкретно на нашава, најмалку е важен изборниот модел. Уште помалку е потребен овој сегашниов непосреден, двокружен, докрај испартизиран и прескап. Актуелниот носител на оваа функција е несоборлив аргумент за ваквата квалификација колку и да е таа субјективна.
Оттука, во ова време на уставни дефинирања на одредбите од преспанскиот договор како нов крупен историски исчекор во перспективите што на земјава и ги нудат интеграциите во Алијансата и во Унијата, не би било опортуно, по без малку двеиполдецениско искуство, изборот на првиот човек на државата да се врати во собранието.
Без митинзи, без спотови, без гладијаторски дуели, без уцени, без партиски местенки, без изборна комисија, без фалсификати, без приговори, без управни судови. И онака тие веќе ја делегирале својата волја кај народните пратеници.
Впрочем, на досегашните непосредни избори сите претседатели мандатот од граѓаните го добиле аналогно на рејтингот на нивната политичка партија. Ниту еден исклучиво како непартиска личност и по заслуга на сопствениот авторитет и интегритет.
Затоа, двотретинско и Бадинтерово мнозинство, правни инструменти кои ќе елиминираат пратеничко партиски блокади и, толку.
Ете претседател на држава. Избор во Собранието – поевтино, побезболно, поконсензуално, поинтегративно.
Едноставно, рационално, ефектно.
Извор: Инбокс7