Градот Скопје се обиде да исправи неправда. Ја воедначи цената на паркингот на Клиничкиот центар со другите паркинг зони околу кои гравитираат други институции. Градот не би се однесувал подеднакво кон своите граѓани ако на едно место дава услуга за 800 денари, а на друго за 350 – рече денеска градоначалникот Петре Шилегов во врска со протестите на Синдикатот на Клинички центар поради зголемување на месечната карта за паркирање за 500 денари.
Во Клиничкиот центар, истакна Шилегов, мора да се пробијат нови сообраќајни решенија за Брзата помош лесно да доаѓа до клиниките, наместо да чека ред со друтие возила, а на две места на паркингот на Клинички центар треба да се изградат монтажни катни гаражи со што ќе се зголеми капацитетот за повеќе од 350 нови паркинг места.
– На паркингот кај „Нова Македонија“ луѓето плаќаат по 800 денари, а во катната гаража „Беко“ вработените во министерствата за финансии и за правда плаќаат по 1.000 денари. Ја воедначивме цената на услугите, а зошто некој во дадена фаза решил концептот на сообраќај на Клинички центар да го уништи давајќи 1.500 месечни карти за 670 паркинг места без да го зголеми капацитетот за непречен пристап на возила, не можам јас да кажам. Тоа се одлуки на претходната власт. Она што сакаме е да исправиме неправда кон останатите граѓани, од една страна, а од друга, да најдеме доволно средства за изградба на двете монтажни катни гаражни – рече Шилегов по националната конференција за децентрализација.
Дваесет и пет денари за час, колку што изнесува паркингот, се доволни само за манипулативните трошоци на Градски паркинг – Скопје.
– Не можам да дозволам како градоначалник да го доведам јавното претпријатие во финансиски колапс со иградба на нови капацитети од кои не може да се оствари барем минимален кост-бенефит – појасни Шилегов.
За тоа кој ќе управува со паркингот, рече, во тек се разговорите.
– Немаме ниту претензија, ниту илузија дека таму треба да останеме. Ако Клиничкиот центар одлучи тоа да го направи, Градот нема ништо против – нагласи скопскиот градоначалник.
Во врска со неговата изјава дека пациенти умираат на Клинички поради сообраќајниот метеж на Клинички, образложи дека не се однесувала на никого лично и дека не му е проблем да се извини ако некој тоа така го сфатил.
– Ако некој се нашол повреден од изјавата, немам проблем да се извинам. Ниту била дадена во контекст, ниту била насочена кон некого лично. Се однесуваше на состојбата што сите ја знаеме во Клиничкиот центар – истакна Шилегов.