Гостинот на Груевски ќе треба да го докаже боледувањето

Додека во јавноста кружат разни шпекулации за тоа како избега Груевски и за вмешаноста се лицитира со имиња, обвинителката Вилма Русковска најави дека во наредните две недели ќе излезе со информации за резултатите од предистражната постапка.

1831

Царинската управа на Република Македонија го испитува случајот со отсуството од работа на вработениот Александар Трајковски, кој пред три дена се појави на фотографија со избеганиот експремиер Никола Груевски во Будимпешта.

Тој на 5 декември уредно го известил неговиот раководител во Царина дека ќе отсуствува од работа поради боледување и според колективниот договор за вработување, кога ќе се врати ќе мора да даде извештај зошто бил спречен да работи, а ако постои сомнеж дека лажел оти е болен за да го посети неговиот поранешен лидер, тогаш против него ќе се отвори дисциплинска постапка.

– Согласно Законот за работни односи член 81 предвидено е работодавачот да може да го откаже договорот за вработување на работникот поради кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на обврските утврдени со закон, Колективен договор, акт на работодавачот и договорот за вработување е со отказен рок е особено ако: поради оправдани причини отсуствува од работа, а за тоа не го извести непосредниот раководител. Согласно член 13 став 2 од Колективниот договор, во рок од 48 часа работникот е должен да го извести непосредниот раководител за отсуство поради болест или оправдани причини. По враќањето од отсуството (боледувањето) работникот е должен во рок од 2 дена да достави Извештај за привремена спреченост од работа. Доколку постои сомнеж за злоупотреба на боледувањето, согласно актите на Царинската управа е предвидена процедура за водење дисциплинка постапка – објаснуваат од Царина посочувајќи дека кога ќе имаат веродостојни информации за конкретниот случај, ќе објават.

Трајковски е исто така советник од ВМРО-ДПМНЕ и во Општина Гази Баба, но таму немал обврски последните две недели бидејќи немало седници на Советот или на некоја од комисиите.

Паралелно, додека во Царинската управа ќе се утврдува дали верниот поддржувач на Груевски го злоупотреби боледувањето за да го посети, уште поинтересно е и дали обвинителството ќе утврди некаква поврзаност на Трајковски со бегството на поранешниот премиер.

Додека во јавноста кружат разни шпекулации за тоа како избега Груевски и за вмешаноста се лицитира со имиња, обвинителката Вилма Русковска најави дека во наредните две недели ќе излезе со информации за резултатите од предистражната постапка.

– Добивме информација од колегите од Црна Гора дека ги прибрале сите снимки кои ни се потребни и во понеделник или вторник ќе одиме да ги преземеме. Колегата вчера ургираше во Албанија да ни се достават што поскоро материјалите што тие ги имаат – изјави Рускоска во средата.

За фотографијата, пак, на која беше и Трајковски, од обвинителството посочија дека ќе се утврдува од каде е и кој ја сликал, како и дека ќе бидат повикани сите за кои се смета дека можат да дадат одредени информации во врска со бегството.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...