Премиерот Зоран Заев најави ново зголемување на платите за пет отсто од септември 2019 година, а кажа дека има случаи некои лекари на клиниките да имаат плата и по 2.500 евра месечно.
– Среќен сум што успеавме да изнајдеме средства, покрај ланското покачување за пет отсто, годинава да ја почнеме со нови десет отсто зголемување на платите на специјалистите и пет отсто на платите на медицинските сестри, болничарите и другиот персонал. Следува и од септември 2019 уште по пет отсто. Со тоа ќе стигнеме просек од 90.000 денари вкупен приход на специјалистите, нето плата и дежурства, иако има случаи во терциерното здравство каде специјалисти земаат и по 140.000 – 150.000 денари приход или 2.500 евра плата. Ако ги споредиме со платите во Германија, можеме да кажеме дека сме направиле сериозен исчекор – нагласи Заев.
Специјалистите во внатрешноста, поради немањето доволно лекари, имаат почести дежурства, па и нивните плати, дополни Заев, достигнуваат 110.000 – 120.00 денари.
– Верувам дека нивото на достоинствено живеење и работење во делот на здравството го дигаме – потенцира премиерот Заев и укажа дека средства за поголеми плати треба да се изнајдат и за Армијата, полицијата и другите институции.